X
 02.12.2017 Образование

Од септември ќе се отвори нова Математичко-информатичка гимназија. Кој сѐ ќе може да се запише?

Сите ученици ќе полагаат приемен испит со кој ќе им се проверат знаењата за математика и за физика.




Од септември следната година во Скопје ќе се отвори нова Математичко-информатичка гимназија каде што ќе се запишуваат најдобрите ученици, кои ќе работат по специјално изготвени наставни планови и програми. Ова ќе биде единствена државна институција од таков тип во државата, а Владата веќе го изготвува законот за нејзино формирање. Од Министерството за образование и наука потенцираат дека ова ќе биде ново училиште, но сѐ уште нема детали за локацијата, како и за бројот на ученици што ќе имаат можност да се запишат.
- Гимназијата ќе почне со работа од септември следната година – велат од МОН.

Влез во гимназијата само со приемен испит

Во извештајот за потребата од отворање на оваа гимназија пишува дека нејзиното отворање е повеќе од потребно.
- Се очекува да се подигне нивото на математичко-информатичкото образование во Македонија гледано во целост. Формирањето на ваков едукативен центар ќе го зголеми интересот на учениците за математиката. Математичко-информатичката гимназија треба да биде водечка институција во областа на средното образование и институција од посебен интерес за земјата. Очекуваме учениците што ќе ја завршат гимназијата, по завршувањето на универзитетското образование (од прв, втор или трет степен, во земјата или во странство) да бидат креативна и иновативна сила која ќе ја унапредува државата – се вели во извештајот.




Според нацрт-законот во математичко-информатичката гимназија, ќе се запишуваат редовни ученици кои завршиле основно образование, се стекнале со општ успех од најмалку 4,5 од шесто до деветто одделение во основното образование и со оценка 5 (пет) од наставните предмети математика и физика од шесто до деветто одделение во основното образование. Сите ученици ќе полагаат приемен испит со кој ќе им се проверат знаењата за математика и за физика.
Главна цел на гимназијата ќе биде работа со најдобрите ученици од Македонија, по специјално изготвени наставни планови и програми, а целна група ќе бидат талентираните ученици, кои се посебно заинтересирани за математиката и за природните науки, а имале и видливи резултати во основното образование, како и во натпреварите од природно-математичките области.

Сместување за учениците од други градови, стипендии за најдобрите

Наставата ќе се изведува со активно учество на ученикот во образовниот процес и ќе биде на исклучително високо ниво со цел да ја поттикне желбата на ученикот за нови покомплексни знаења, нивно поврзување и имплементација во секој сегмент од животот и понатамошно стручно усовршување.
- Во наставниот процес ќе се користат квалитетни учебни помагала, со модерен, но и теоретски заснован пристап кон изучуваните теми и области, со висок квалитет, а сепак соодветни за емоционалната и психичката зрелост на учениците, како и модерно опремени и интерактивни училници за самостојно учење и работа на проекти од посебен интерес за учениците и квалитетот на нивното школување – пишува во извештајот.
За учениците запишани во Математичко-информатичката гимназија што не живеат во градот каде што ќе биде сместена гимназијата, Министерството ќе обезбедува сместување во ученички дом. Сите ученици што претходната година ќе ја завршат со оценка 5 по сите предмети, ќе добиваат месечна стипендија.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование