X
 04.12.2017 Образование

Матеј Коруноски, 9-годишен пијано-талент: Сакам да го запознам Симон Трпчески и се надевам дека тоа ќе се случи наскоро

Почнал да свири пијано на 3 години, од 4 учествува на меѓународни натпревари, а две години по ред е државен првак на Македонија во пијано

Го сакам пијаното зашто тоа е единствениот инструмент со кој може да се создаде толку убава музика – вели 9-годишниот Матеј Коруноски од Скопје, исклучително талентирано дете кое бележи меѓународни успеси во последните неколку години. Тој неодамна беше гостин на рециталот на пијанистката Марија Ѓошевска, професорка на Факултетот за музичка уметност.


Настапот на малата сцена на Македонската филхармонија беше прв настап на дете-солист на оваа сцена. Ја изведе комплексната композиција „Fantasy Impromptu“ од Шопен. Матеј е ученик во четврто одделение во Интернационалното француско училиште ЕФИС во Скопје. Многу сака да учи француски јазик и историја, но, сепак, со пијаното се дружи најдолго време во денот. Веќе четврта година интензивно работи со проф.д-р Марија Ѓошевска. Дневно вежба по два часа, а за викенди – до 4, ни посочи неговата мајка Елисавета Коруноска.



- Почна да свири пијано на 3 години со проф. Слаѓана Јовановиќ, која го препозна неговиот врвен талент и го отвори патот на огромната љубов кон музиката, која ја поседуваше Матеј. Апсолутниот слух, кој го утврдија музичките педагози, и врвниот талент му помогнаа уште од самиот почеток, иако без познавање на ноти, секој час да усвојува нова композиција и да напредува исклучително брзо – вели Коруноска.

Матеј беше гостин на рециталот на пијанистката Марија Ѓошевска

На четири години учествувал на меѓународен натпревар во Бугарија, каде што во конкуренција на деца и пет години постари од него, Матеј освоил прво место, настапувајќи не со детски песни, туку со напредни композиции, како што е Симфонијата бр.40 од Моцарт.

- Мојата омилена композиција е Piano Concerto 1- B Flat Minor од Чајковски – ни сподели Матеј.

Ги сака делата на Моцарт и на Бетовен и ужива во буквално секоја нивна композиција. Во слободното време што го има ужива да слуша музика и да чита.

Настапувал на повеќе државни и меѓународни натпревари во земјава и во странство, на кои постигнал врвни резултати. Во последните две години е државен првак на Македонија, во 2017 година со освоени сто поени на сите три нивоа на кои се одржува Државниот натпревар – регионално, општинско и државно ниво, при што на крајот освои специјална прва награда и настапи на завршен концерт во Салон 19:19 во Скопје.



Матеј ја добил првата награда и на меѓународниот натпревар во Белград, „Даворин Јенко“, кога тој и неговата менторка проф. д-р Ѓошевска добија почесни дипломи за многу успешен настап, на кој Матеј настапил со многу напредни композиции – „Турски марш“ од Моцарт, џез-композиција од Гершвин.

- Би сакал да го запознаам Симон Трпчески и се надевам дека тоа ќе се случи наскоро – ни призна.

Коруноски е добитник и на Специјална прва награда со 100 поени на Меѓународниот натпревар во Врање, Србија, во 2016 година, а благодарение на тоа, доби стипендија за мастер-студии по пијано на Меѓународната летна академска школа во Србија, предводена од врвниот проф. Клаус Шилде од Германија, долгогодишен професор на музичките академии во Берлин, Токио, како и декан на Високата школа во Минхен. Матеј успешно ги завршил овие мастер-часови и како најмлад учесник бил одбран да учествува и на Завршниот концерт со композицијата Сонатина оп.20 бр.1 од Кухлау, за што добил извонредна препорака од проф. Клаус Шилде.

Матеј на настанот „Бои и вкусови“ што го организираше француското училиште ЕФИС

Неговата мајка е презадоволна од поддршката што Матеј ја добива од училиштето ЕФИС.
- Матеј добива исклучително голема поддршка од оваа образовна институција. Благодарение на огромната заложба на високопрофесионалниот педагошки тим на ЕФИС, и покрај напорното вежбање и многубројните настапи, кај Матеј не се појави празнина во образованието, за што ја користиме пригодата да упатиме посебна благодарност за сѐ што ЕФИС стори во изминатиот период за Матеј – вели таа.

Во моментов Матеј се подготвува со нова програма, со која ќе настапува на меѓународни натпревари идната година. Неговата мајка ни откри дека се планира и негов прв солистички концерт.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование