X
 06.12.2017 Култура

Постои начин да критикувате, а притоа да не го навредите соговорникот


Две жени разговараат во парк
(Фото: Pixabay)


Постојат начини како да го изнесете својот критички став, а притоа да останете благонаклонети кон својот неистомисленик.

Во „Несогласувањата околу моралните или научните прашања“, Артур Мартин во својот водич за уметност на водење разговори од 1866 година советува дека вашата цел треба да биде како да стигнете до вистината, а не како да го победите својот противник. „Така никогаш нема да бидете во загуба дури и кога ќе изгубите во расправата, а ќе стекнете и нови увиди“.

За жал, малку се луѓето што се придржуваат на овој принцип кога расправаат на некоја тема, особено кога разговорот тече онлајн и кога, скриени зад тастатурата, „пукаме“ по противникот од својата „праведничка“ артилерија. Но тоа не мора да биде така затоа што постојат начини како да го изнесете својот критички став, а притоа да останете благонаклонети кон својот неистомисленик, да немате право по секоја цена, туку да ја разберете и другата страна, приближувајќи се до меѓусебно разбирање.

Даниел Денет, кој се смета за еден од најдобрите американски современи филозофи, поставува едно од клучните прашања на современата култура во која сите имаме тенденција да бидеме критичари: „Колку треба да се биде благонаклонет кога се критикува мислењето на противникот?“

Тој ни го нуди најдобриот „противотров“ за нашиот стремеж да ги исмејуваме нашите противници и нè советува како да дадеме успешен критички коментар во четири едноставни чекори:

1. Пред сè, треба да се обидете да го преформулирате мислењето на противникот јасно, сликовито и веродостојно, така што вашиот противник би можел да каже: „Благодарам, би сакал и јас да можев така да го формулирам“.

2. Треба да ги наведете точките околу кои се согласувате, особено ако не станува збор за работи за кои постои општо согласување.

3. Треба да наведете сè што сте научиле од вашиот противник.

4. Дури тогаш ви е дозволено да го изнесете своето несогласување или критика.

Кога овој кодекс би можел да се примени и на коментарите на интернет, на сите животот би ни станал поубав.

Но немојте да сметате дека овој совет е наивен или утописки. Денет истакнува дека ова всушност е добра психолошка стратегија со која се постигнува една клучна работа: вашиот противник го претворате во внимателен слушател на вашата критика или несогласување, што ќе ви овозможи предност во натамошниот тек на дискусијата.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура