X
 07.12.2017 Образование

Зоран Николоски, шеф на катедрата по биоинформатика на Универзитетот во Потсдам: Науката е комбинација од голема љубопитност, незауздана креативност и доза самокритичност

Не сум бил поканет на предавања или заемни истражувања и, за жал, немам контакт со високообразовните институции во Македонија. Радосен сум што одржувам квалитетен професионален и личен контакт со колеги од Македонија кои се на други универзитети низ светот

Тој е професор по биоинформатика на Институтот за биохемија и биологија на Универзитетот во Потсдам и е водач на истражувачка група во рамките на Институтот за молекуларна растителна физиологија при Институтот „Макс Планк“. Доктор на науки, Зоран Николоски, роден во Велес, гимназија завршил во Прилеп, па се запишал на Економскиот факултет во Прилеп. Но, гладот за наука го однел многу далеку. Прво во САД, на Универзитетот на Централна Флорида, во Орландо, па на Грејсленд универзитетот во Ајова. Својата љубов кон математиката и биологијата во последните десетина години ја изразува и збогатува во Германија, на две врвни научни институции.


Вие сте дел од тимот на славното „Макс Планк општество“ кое има повеќе од 80 институти во цел свет. Може ли да се вратите наназад и да ни доловите како стигнавте до оваа престижна научна институција?

- Од 1 април сум шеф на катедрата по биоинформатика на Универзитетот во Потсдам и паралелно продолжувам со соработката во Институтот по молекуларна растителна физиологија „Макс Планк“, каде што имам своја група. Претходно работев на овој институт од 2009 година до годинава, каде што ја водев и сѐ уште ја водам групата за математичко моделирање и системска биологија. Најпрво бев млад лидер на група до 2011 година, а потоа како Макс Планк-лидер на група (титула во рамките на Макс Планк општеството, што овозможува самостојност и можност за аплицирања за сопствени грантови).

Од 2007 до 2009 работев како постдокторанд по биоинформатика на Институтот за биохемија и биологија на Универзитетот во Потсдам. Таму работев на проект од Германското федерално министерство за образование и наука за реконструкција на метаболички и генски регулаторни мрежи на модел на зелена алга.
Од 2004 до 2007 бев во Прага, на Природно-математичкиот факултет, катедра за применета математика, како постдокторанд по аплицирана математика во областа на комплексните мрежи. Со истата проблематика почнав да се занимавам во текот на моите докторски студии со еден од најпознатите истражувачи во алгоритми во теорија на мрежи, проф. д-р Нарсинг Део, сега емеритус-професор на Универзитетот на Централна Флорида, Орландо.

Како и за моите додипломски студии на Грејсленд универзитетот во Ламони, Ајова, каде што студирав компјутерска наука (информатика) и информациона технологија, така и за докторските студии добив целосна стипендија од именуваните институции.
Заминувањето во САД беше првично спонзорирано преку една од програмите на СОРОС Отворено општество. По завршувањето на Прилепската гимназија се запишав на Економскиот факултет во Прилеп, зашто студирањето во Скопје беше преголем финансиски товар за моето семејство. Оттаму, по една година студирање, се префрлив во САД, пробувајќи да го најдам она што сега целосно ме исполнува - математичко разбирање на принципите врз чија основа комплексни биолошки процеси водат до она што сите го восприемаме како организам со сите свои карактеристики.


Макс Планк е компетитивно место, каде колегите многу си помагаат

Какво е чувството да бидете опкружени со толку многу научници посветени на науката? Може ли да ни доближите како функционира Институтот „Макс Планк“?

- Секојдневието во „Макс Планк“ е нешто што некому можеби ќе му изгледа неверојатно – чести состаноци на различни научни теми (не само од мој личен интерес) со кои се подобрува синергијата помеѓу работните групи. Состаноците се на различни нивоа, од докторанди, постдокторанди, до лидери на групи и тројцата директори (секој со својата специјалност). Секоја работна група има свој семинар, кој се одржува еднаш неделно, во чии рамки членовите од групата дискутираат за нивните тековни проблеми и идеи. Иако средината е доста компетитивна, на предавањето што секој докторанд треба да го подготви и изложи пред целиот институт еднаш годишно повеќе од 300 колеги стојат на располагање да му помогнат со различни забелешки и идеи.
Тоа е модел што овозможува постојана надградба, зашто од секоја презентација човек излегува со поинаква размисла. Макс Планк општеството е познато по тоа што иновацијата и основната наука стојат во преден план и моделот кој се следи е инвестиција со голем ризик – зашто ако таа се реализира до завршен проект, иднината на сите ќе може да биде подобра.


Паралелно со работата на Институтот „Макс Планк“ Вие работите и на Универзитетот во Потсдам и сте лидер на биоинформатичката група при овој универзитет. На какви истражување сте фокусирани овде?

- Истражувањата и на двете институции ми се во исто поле – интеграција на молекуларни податоци во механистички модели за клеточни процеси, со цел да се разбере генската основа на механизмите кои го контролираат она што го восприемаме за еден биолошки систем. Поконкретно, проблемите со кои се занимавам е како да се реконструираат клеточните мрежи од различни типови податоци, кои се принципите што дозволуваат или оневозможуваат одредени карактеристики (на пр., поголеми растенија) да бидат реализирани во различни средини и како можеме да ги искористиме тие принципи за рационален дизајн на генотипови. На Универзитетот во Потсдам сум шеф на катедрата по биоинформатика, каде што формирам интернационални магистерски студии (на англиски јазик) по биоинформатика, кои ќе бидат достапни од 2019 година. Во рамките на постојните магистерски студии држам предавања во неколку области поврзани со анализа на биолошки мрежи и податоци.

Комуницирам со колеги од Македонија на универзитети низ светот

Што претставува науката за Вас?

- Науката за мене е комбинација од голема љубопитност, незауздана креативност и доза самокритичност – првата како мотивација да се продолжи, втората како начин кој води кон реализација и третата како враќање во реалноста во процесот на решавање проблеми кои нѐ водат чекор понапред во разбирање кои сме и како можеме да се подобриме.

Одржувате ли контакт со македонските високообразовни институции? Дали Ве канат на предавања, можеби?

- Не. Не сум бил поканет на предавања или заемни истражувања и, за жал, немам контакт со високообразовните институции во Македонија. Радосен сум што одржувам квалитетен професионален и личен контакт со колеги од Македонија кои се на други универзитети низ светот.

Македонија одвојува многу мал буџет за наука. Може ли да се каже дека тоа е пресудно што младите што сакаат да се занимаваат со наука лесно одлучуваат да заминат од земјава?

- Не би можел да одговорам на ова прашање зашто не ја познавам состојбата најдобро и ќе биде лицемерно да говорам без искуство. Во Германија, каде што е тешко да се добие постојана позиција во наука, создавањето стартапи отвора нова перспектива за младите што се заинтересирани за наука, а, сепак, сакаат да живеат со концептот на посигурна иднина.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование