X
 08.12.2017 Култура

Откриено е каде ќе биде изложена најскапата слика на светот


Салватор Мунди
(Фото: Getty images)


Сликата од Леонардо да Винчи што во ноември беше продадена на аукција за рекордни 450,3 милиони долари ќе биде изложена во новиот музеј „Лувр“ во Абу Даби.

Салватор Мунди“ (Спасител на светот) стигнува во „Лувр“ во Абу Даби, пренесе таа културна установа преку „Твитер“, без да наведе кој е сопственикот на сликата, ниту точниот датум кога ќе биде изложена.

Научниците веруваат дека сликата – масло на платно каде што е прикажан Христос како држи кристална топка во раката, е една од неколкуте зачувани слики на Да Винчи и по пет века од неговата смрт.

Сликата, каде што е прикажан таинствениот поглед на Исус, повикува на споредба со мистериозноста на насмевката на „Мона Лиза“, насликана исто така од Да Винчи, и била во сопственост на англиските кралеви и војводи, но потоа исчезнала.

Платното повторно се појавило во 1900 година, кога го купил еден британски колекционер. Во тоа време се сметало дека тоа е дело од некој ученик на Да Винчи, а не од самиот мајстор на сликарството.

Сликата била продадена во 1958 година за 45 фунти, пред да се утврди дека е дело на Да Винчи. Делото, кое повторно било продадено во 2005 година, делумно оштетено, било реставрирано на барање на конзорциумот на трговци со уметнички дела, кои исплатиле најмалку 10.000 долари за обновата.

Околу оваа слика сè уште се води и судски спор меѓу еден руски милијардер и продавач на уметнички дела.

Музејот „Лувр“ во Абу Даби, кој ќе ја изложи најскапата слика на светот, е отворен на 11 ноември годинава, после десет години изградба.

За разлика од другите музеи што нудат дела според определена класификација, стилови или цивилизација, музејот во Абу Даби ќе ги истакнува универзалните теми и заедничките влијанија меѓу цивилизациите.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Култура