X
 09.12.2017 Живот

Драгана Јовановска: Се замислувам на голема сцена како пеам и свирам пијано

Шестоодделенката во ОУ „Христијан Тодоровски Карпош“ од с.Младо Нагоричане има 11 години, ангелски глас, еден куп награди на фестивали и шарм што ве освојува на прва

Музиката ѝ е сѐ! Има ангелски глас, пее со многу љубов и дарба, шармира на сцената, а свири и пијано. Драгана Јовановска има 11 години и е ученичка во шесто одделение во ОУ „Христијан Тодоровски-Карпош“ во селото Младо Нагоричане. При посетата на ова централно училиште ја запознавме неа, а и нејзината мајка Тања Јовановска, која исто така се занимава со музика.


Се фативме за глава кога видовме колку дипломи и награди веќе има освоено на фестивали и натпревари во земјава, ама и во регионот. „Езерски бисери“ во Струга, Ѓурѓевдански фестивал во Србија, „Ѕвездички“ во Прилеп... ова се само дел од фестивалите од каде што се вратила со награди.
Неодамна се врати од музички фестивал во Нови Сад каде што настапи со песна за која таа ја напиша музиката и освои втора награда.

- Таму доби и покана за фестивал во Малта, да учествува во мај, како и во рускиот град Владимиров во февруари, а ќе биде и официјален претставник на Македонија за фестивалот „Славјански базар“ што ќе се одржи во Русија во јуни – вели мајката на Драгана.
Драгана е самоуверено девојче кое нема проблем да комуницира со медиумите. Сака да пее поп-музика, ама обожава да свири и класика. Омилена пејачка од Македонија ѝ е Елена Ристеска, од Србија – Марија Шерифовиќ, а од светските ѕвезди – Адел и Селин Дион.

Ја прашавме како ја создава музиката за своите песни.
- Музиката си ја правам по моја логика, на веќе напишан текст. Го читам текстот и во главата ми доаѓа некаква фантазија, така и ја создавам – рече Драгана.


Таа е веќе возбудена за следните меѓународни настапи. Во февруари оди во Русија, а во мај – на Малта. Не сакаше да ни открие со што ќе настапи.
- Одбрав што ќе пеам, ама нека биде тајна – се смее Драгана.

Тајните на музиката и пеењето ги учи од професорката Ивана Андоновска-Свилар, која предава пеење во Основното музичко училиште „Панче Пешев“ во Куманово. Драгана настапува од својата осма година. На фестивалот „Златно славејче“ ја изведе песната „Роденденска честитка“. Драгана беше меѓу последните две деца од Македонија што останаа во 20. најдобри на популарното шоу „Пинкови ѕвездички“.


- Имаше желба уште на 6-7 години кога беше првата сезона на „Пинкови ѕвездички“. Со татко ѝ, кој е професор по музичко, мислевме дека е многу мала за таков вид натпревар. Криевме од неа кога дојде моментот за аудиција, ама таа видела на телевизија и отидовме на аудиција, ја поминавме првата. На следната во Белград пак помина. Кога почна снимањето на првиот круг, бевме скептични. Таа стигна до топ-20. На крај останаа само две девојчиња од Македонија - Драгана и Ивана Блажев, која е овогодишен претставник на „Детската Евровизија“.

Драгана потекнува од музичко семејство.
- Пред настапи немам трема. Имав малку трема кога бев на „Пинкови ѕвездички“ во првиот круг, ама потоа тремата се изгуби. Сакам да бидам и пејачка и пијанистка. Сакам да настапувам на големи концерти во големи сали. Да бидам музички образована пејачка. Се замислувам на сцена како пеам и свирам пијано и сакам да го направам тоа некогаш – ни го открива својот сон.



Благодарна е на поддршката што ја добива од своите наставници и соученици во Младо Нагоричане.

- Имам целосна поддршка од наставниците и од другарчињата. Моите другари и другарки ме бодрат и ми посакуваат најдобро и секогаш кога ќе се вратам од некој настап, ме пречекуваат со насмевка на лицето и ме прегрнуваат. Речиси нема ситуација кога не сакам да пеам. Тоа со љубов го правам и немам проблем. Настапувам на училишните приредби – вели Драгана.
Признава дека татко ѝ е поголем критичар за пеењето, а дека мајка ѝ се грижи повеќе за стајлингот.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk Милена Атанасоска-Манасиева/milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Живот