X
 12.12.2017 Живот

14 медали за нашите каратисти на Светскиот шампионат во Италија

Со девет златни, еден сребрен и четири бронзени медали во сениорска, јуниорска и во кадетска конкуренција македонските репрезентативци во традиционално карате се вратија од Обединетиот светски карате-шампионат во Монтекатини, Италија. Вкупно 14 медали влегоа во историјата на овој спорт. На шампионатот учествуваа повеќе од илјада натпреварувачи од 47 земји.



Најмногу медали на шампионатот од нашата репрезентација освои Матеј Ангеловски, кој се врати со два златни и еден бронзен. - Првпат успеавме да освоиме толку златни медали на едно официјално светско првенство. За мене, ова е најголем успех во кариерата. Првпат го освојувам златниот медал на светско првенство во поединечна конкуренција, по примерот на моите тренери и тимски колеги Дејан Недев и Алјоша Недев, кои исто така го имаат освоено овој медал – вели Ангеловски.


Во однос на очекувањата, во континуитет тој со години бележи високи резултати на европски и светски натпреварувања.

- Двапати претходно освоив сребрен медал, што значи за малку ми избега златото. Можам да кажам дека, да, очекував да постигнам ваков голем резултат бидејќи се подготвував доста време, а и претходно сум бил блиску до освојување на златото. Не беше лесно, на натпреварот имав вкупно 14 кола, се сретнав со натпреварувачите од Бразил и од Романија, кои беа фаворити. Исто така, се борев со претставници на Германија, Уругвај, Чешка, Кипар и морам да признаам дека против сите излегов победник – изјави Ангеловски.


Резултати-сениори:

1. место во кати екипно-сениори (Дејан Недев, Аљоша Недев и Матеј Ангеловски),
1. место во кого-кумите и фукуго-сениори Матеј Ангеловски,
3. место во кати поединечно Дејан Недев,
3. место во ен-бу м/м (А. Недев и М. Ангеловски).

Резултати-јуниори:
1. место кати екипно-јуниорки (М. Саздова, Б. Милевска и Ј. Милевска),
1. место ен-бу м/ж (О. Тасевски и М. Саздова),
2. место во кого-кумите Берта Милевска.

Резултати-кадети:
1. место кати екипно-кадетки (А. Белазелкоска, Ј. Дробниќ и Ј. Милевска),
1. место фукуго-кадетки Јелена Дробниќ,
1. место во кати и кого кумите поединечно Мила Саздова,
3. место во фукуго-кадетки Мила Саздова и
3. место во кого-кумите Јана Милевска.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот