X
 12.12.2017 Образование

Мила Ивановска од Битола освои бронзен медал на Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки

Со бронзен медал на Меѓународната  јуниорска олимпијада за деца до 16 години IJSO-2017  Холандија, се закити  Мила Ивановска (14) , ученичка во прва година во гимназијата „Јосип Броз Тито“-Битола.



Оваа олимпијада е една од тринаесетте олимпијади категоризирани од Министерството за образование и наука како значајна меѓународна олимпијада за ученици од Република Македонија, и за соодветен успех на некоја од овие олимпијади МОН доделува стипендии на учениците.

Друштвото на физичарите на Република Македонија, заедно со Сојузот на хемичарите и технолозите на Макадонија (СХТМ) и Македонското биолошко друштво (МБД) ги водат сите активности околу олимпијадата. Од натпреварувачите на Првата Македонска олимпијада по природни науки (околу 60 натпреварувачи), која се одржа на 25.8.2017 на Природно- математичкиот факултет (ПМФ) во Скопје, беа селектирани шест ученици натпреварувачи кои ја претставуваа Република Македонија на 14 Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки, а тоа се:

1. Мила Ивановска, ученичка во прва година во СОУ Гим. „Ј. Б. Тито“ - Битола
2. Јован Петров, ученик во деветто одд. во ООУ „Крсте Мисирков“ - Гевгелија
3. Константин Трипуновски, ученик во прва година во СУГС Гим. „Р. Ј. Корчагин - Скопје
4. Христина Митреска, ученичка во прва година во ПСУ „Јахја Кемал“ - Струга
5. Јована Стојческа, ученичка во прва година во СОУ „Ѓорче Петров“ - Прилеп
6. Леонид Сајков, ученик во прва година во СОУ Гим. „Ј. Б. Тито“ - Битола

Тимот го предводеа тројца водачи:
• Боце Митревски (ДФРМ)
• Марина Стојановска (СХТМ)
• Елена Рафаиловска (МБД)

На олимпијадата, учениците се натпреваруваа преку три одделни тестирања: прашања со избор на одговорите, теоретски дел (задачи) и експериментален дел. Во секој дел од натпреварот беа опфатени содржини од природни науки, односно од физика, хемија, биологија и секако, потребни предзнаење од математика. Трите тестови се решаваат во три дена, со еден ден пауза меѓу деновите. Темата на 14 јуниорска олимпијада по природни науки беше „Вода, водени ресурси, заштита и одржливост“, тема препознатлива по потребите, проблемите и предизвикот за земјата домаќин, а секако и за општеството.

На олимпијадата учествуваа тимови од околу 50 земји од цел свет, или околу 300 ученици, не постари од 16 години до крајот на календарската година. Ова е престижна олимпијада, добра можност за учениците да го покажат своето знаење, способности и вештини, и секоја земја да се спореди со останатите земји учеснички. Самото учество и успехот на ваквите олимпијади е релевантен показател за сериозниот пристап кон учеството на меѓународни натпревари, сериозност во подготовките, но истовремено и показател за образовниот систем во дадена земја.
За нас како држава, значајно е тоа што овие натпреварувачи на јуниорската олимпијада во 2017 и натпреварувачите на истата олимпијада во иднина ќе претставуваат значаен подмладок и потенцијални идни натпреварувачи на меѓународните олимпијади за средношколци и студенти. Подготовките на нашиот тим за олимпијадата се одвиваа на ПМФ во Скопје, односно на Институтот за физика, Институтот за хемија и Институтот за биологија. Подготовките се одвиваат
во петок и сабота, од почетокот на септември до крајот на ноември.

Тимот од Република Македонија финансиски е помогнат од Агенцијата за млади и спорт. Ние изразуваме благодарност до Агенцијата за млади и спорт, а истовремено упатуваме повик дека и други институции и компании можат да ги помогнат овие млади, талентирани ученици, за вакви или слични настани и активности. Друштвата се подготвени да соработуваат, да возвратат на секоја подршка со соодветно промовирање, рекламирање или на друг соодветно прифатлив начин.

Тимот од шест ученици и тројца водачи ќе пристигне во Република Македонија, во вторник на 12.12.2017 со летот на Turkish Airlines ТК1005 во 20.00 часот

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование