X
 12.12.2017 Образование

Проф. Артур Пишчатовски, социолог од САД: Се чини дека има длабоки прстени на тишина околу Балканот

Моите истражувања се, од една страна, граѓанските општества и нивниот развој, а, од друга страна, како да се интегрирате во новата социјална структура на мрежно општество од претходното, масовно (групно) општество, вели проф. Пишчатовски


Со студентите на Филозофскиот факултет во Скопје

Сите студенти се прекрасни. Како едукатор, загрижен сум за ослободувањето на нивната брилијантност. А тоа е моја одговорност. За тоа треба да се грижат институциите. Што учат моите студенти? Како ќе можат да го применат тоа? Зошто студираат? Какви луѓе ќе станат? Ова се дел од размислувањата на професорот по социологија Артур Пишчатовски од Универзитетот „Џорџтаун“ во Вашингтон, главниот град на Соединетите Американски Држави. Тој веќе три месеци престојува во Македонија, во рамките на програма „Фулбрајт“, и своите искуства им ги пренесува на студентите на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Која е причината за Вашата посета на Македонија?
- Причината е програмата Fulbright Core Scholar (Фулбрајт). Тука сум да предавам, да работам и да ја разберам македонската култура. Првпат сум овде. Сакам да посетувам места и да се најдам меѓу милтикултурната природа на третата словенска етничка група (Јужни Словени н.з.) и различните религиозни и етнички групи во Република Македонија.

Професор сте по социологија на Универзитетот „Џорџтаун“ во Вашингтон. Раскажете ни повеќе за Вашата работа.
- Да, држам часови по социологија кои вклучуваат социјални проблеми, вовед во социологија, глобализација и социјални вмрежувања, исто како и социјални движења. Моите истражувања се, од една страна, граѓанските општества и нивниот развој, а, од друга страна, како да се интегрирате во новата социјална структура на мрежно општество од претходното, масовно (групно) општество.


Во рамките на американското катче во Струга

Која е основната цел на Фулбрајтовата стипендија?
- Суштината на програмата е да им овозможи на американски научници да посетуваат други земји и да стекнат искуство со општествата што им се цел на интерес и изучување и потоа да се обидат да ги интегрираат тие искуства во Соединетите Американски Држави. Ова ми е делумно интересно затоа што во новото мрежно општество верувам дека студентите имаат моќ да си го обликуваат својот свет и својата реалност, употребувајќи го своето време во училница да се посветат на решавање на нашите најголеми социолошки проблеми. Што се однесува до програмата „Фулбрајт“, таа е дизајнирана да ги донесе во фокусот долготрајните процеси. Силните врски меѓу поединците и институциите се долгорочна инвестиција. Комуницирајќи, ние учиме едни од други и се подобруваме меѓусебно. Најдобрата работа во програмата „Фулбрајт“ е работата со брилијантни студенти и колеги на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ додека учиме од нашите културни разлики и пристапи.

Каков впечаток Ви оставија студентите од скопскиот универзитет?
- Веќе споменав, брилијантни се... Сите студенти се прекрасни. Како едукатор, загрижен сум за ослободувањето на нивната брилијантност. А тоа е моја одговорност. За тоа треба да се грижат институциите. Што учат моите студенти? Како ќе можат да го применат тоа? Зошто студираат? Какви луѓе ќе станат? Социологијата нуди широк спектар на опции особено кога се интегрираат со нешто друго, како бизнис или правење филмови или што било што ќе избере студентот. Социологијата го зголемува поимањето на светот и ни помага да го согледаме подлабоко. Социологија е скриен извор на моќ затоа што тие што размислуваат социолошки имаат поголем пристап до длабоките структурални поткрепувачи кои го дизајнираат нашето општество. Мислам дека студентите на „Св. Кирил и Методиј“ копнеат да згазнат во длабоката реалност и да имаат големи одговорности, но исто така мислам дека се надеваат на подобар пристап до траектории за развој на кариерата. Тоа е тоа што го нуди „Фулбрајт“ – начин на соработка меѓу професорите, студентите и администрацијата да развиете дијалог, да учите едни од други и да почнете да создавате еволутивен свет.

Да направиме споредба меѓу двата универзитета во Скопје и во Вашингтон. Имаат ли заеднички точки, кои се најголемите разлики?
- „Св. Кирил и Методиј“ е најдобриот универзитет во Македонија, „Џорџтаун“ е исто така многу добар универзитет. Одлични студенти и професори, но институции во различни етапи на развој. Се чини дека во Македонија социологијата повторно се издига и си го наоѓа своето место во центарот на општеството. Мислам дека катедрата за социологија на „Св. Кирил и Методиј“ има голем потенцијал да биде во центарот на општеството во Република Македонија.


Американско катче во Штип

САД и Европа, особено Балканот, се сосема различни општества. Како социолог, дали наоѓате сличности?
- Патував прилично во изминатиот период и се запознав со различни културлолошки искуства во последните три месеци. Имав толку многу интересни искуства, што ќе ми треба долго време да ги прераскажам сите. Првите чувства ми беа врзани за длабоката историска меморија на идентитет што оди подалеку од 1.000 години, остатоци од Римската Империја, од Отоманската Империја, различни религиозни и културни ентитети во соработка и тесна поврзаност едни со други. Но, истовремено луѓето се блиски едни до други и во рамките на етничката група. Тоа за мене е многу интересна аномалија. Ова се само импресии. Како ќе научам повеќе, можеби ќе ми се сменат размислувањата. Но, се чини дека има длабоки прстени на тишина околу Балканот. Студент на трета година пред неколку дена спомена дека невидливи линии се повлечени помеѓу етничките групи. Тие кутии треба да се отворат многу внимателно меѓу социолозите од различни националности на Балканот. Мислам дека тоа е главната улога на социологијата на Балканот – да создаде место за дијалог, место за професионалците кои се грижат за социолошките нерамноправности и етнички тензии. Верувам дека социологијата е јадрото на секоја цивилизација бидејќи социолозите нудат градација на објективното знаење заедно со нивната посветеност и одговорност. Верувам дека социолозите можат да се организираат и преку својата професионална вредносна структура да истапат од политика на поделеност или економски решенија кои не ги земаат предвид општите вредности. Дијалог и стратегија за основен развој кој создава заедништво, додека се почитува развојот на заедничките вредности меѓу засегнатите страни се чини дека е важна задача во регионот.

Посетивте ли други места во Mакедoнија, што најмногу Ве изненади?
- Отидов до Велес, разбрав дека оттаму потекнуваат лажните вести Fake News. Бев во Штип каде што ја пробав мојата прва пастрмалија, која беше превкусна, и дознав дека имало база на НАТО во Штип. Ги посетив Охрид и Струга. Охрид е веројатно најубавото место што некогаш сум го видел, а во Струга длабок впечаток ми оставија топлината и отвореноста. Во Скопје, погледот од Водно е спектакуларен од гондолата. Веројатно видов едно од најубавите места, во географска смила. Најважни се сепак силните и љубезни луѓе што ги среќавам секој ден. Тие ја прават Македонија прекрасно место, со нејзината длабока култура и историја. Благодарам за оваа убава можност да научам толку многу за оваа убава земја.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование