X
 12.12.2017 Технологија

„Социјалните медиуми го уништуваат општеството“ - нова критика од поранешен вработен во „Фејсбук“

Уште еден поранешен извршен директор од „Фејсбук“ зборувал јавно за штетата што ја предизвикува социјалната мрежа врз општествата во светот. Чамат Палихапитија, кој ѝ се приклучил на компанијата во 2007 година и станал заменик-претседател за кориснички раст, изјавил дека се чувствува виновен за тоа што помогнал да се создаде „Фејсбук“. Тој смета дека се креирале алатки што ги уништуваат социјалните карактеристики според кои општеството функционира. Исто така, советува луѓето да паузираат од социјалните медиуми.

фотоизвор: Mike Windle/Getty Images for Vanity Fair

Неговите критики не се упатени само кон „Фејсбук“, туку кон поширокиот онлајн-систем. Вели дека постојано се шират дезинформации и се создаваат чести недоразбирања, па истакнува дека тука станува збор за глобален проблем. Тој се обидува да го користи својот фејсбук-профил што помалку, а на неговите деца тоа воопшто не им е дозволено. Верува дека сепак компанијата прави и нешто добро за светот.

Неговите критики доаѓаат веднаш по низа мислења од други поранешни вработени во компанијата. Сите тие зборуваат во време кога „Фејсбук“ има голема моќ – особено во политичките избори и способноста за зголемување на лажните вести. Палихапитија го критикува и системот на Силиконската долина и капиталното финансирање. Смета дека инвеститорите вложуваат пари во „бескорисни, идиотски“ компании, наместо да ги идентификуваат вистинските проблеми - како климатските промени и болестите. Токму со тоа се занимава и тој, односно води компанија која се фокусира на финансирање компании во сектори како здравство и образование.

На крајот, тој потенцира дека технолошките инвеститори, иако изгледаат семоќни, ја постигнале својата моќ повеќе преку среќа отколку преку вештини.
Подготвил: М.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија