X
 12.12.2017 Живот

Третоодделенци од „Димитар Миладинов“ од Скопје кренаа глас за проблемите на децата со ретки болести

Третоодделенци од ОУ „Димитар Миладинов“, заедно со нивните родители и нивниот наставник денеска покажаа дека имаат големо срце. Заеднички осмислија иницијатива „Ајде да играме заедно“ и поканија дечиња со ретки болести, со цел да го кренат гласот за подобар живот на овие лица.


Целта на натпреварот е да се пренесе порака до возрасните да им се обезбедат лекови на децата со ретки болести, за да можат да играат фудбал како другите деца, да возат велосипед, со еден збор да играат сите заедно.
Оваа иницијатива сакаме да прерасне во пракса и децата од IIIб еднаш во месецот да се собираат и да изиграат еден натпревар како потсетување на барањето до возрасните. Во спортската сала на училиштето играа фудбал и се забавуваа, а посакуваат оваа иницијатива да се случува барем еднаш месечно. Секое дете што учествуваше на настанот носеше маичка со мотото „Ајде да играме заедно“.
Наставникот на IIIб одделение Душко Петковски ни ја објасни идејата.

- Сакавме да се издвоиме од другите одделенија и да бидеме пример. Сакаме да придонесеме за децата со ретки болести. Ние конкетно немаме во одделение таков пример. Целото одделение со многу љубов и отворени раце ја прифати иницијативата. Посакуваме да стане традиција, а ќе не радува доколку и други училишта се приклучат – вели Петковски. Родители на третоодделенците велат дека се вклучиле во иницијативата за да ги научат и децата да немаат предрасуди.
 
- Ја поддржавме оваа иницијатива и посакуваме да се одржува во континуитет. Во текот на годината реализираме повеќе работилници, базари. Со оваа иницијатива сакаме да ги учиме нашите деца да свест дека има и такви деца кои се борат со ретки болести и да влијаеме на нив да не им се развиваат предрасуди – рече Сања Саздовска, мајка на дете што учи во ова одделение.


Околу 360 деца во Македонија имаат некоја од 70-те ретки болести што се регистрирани. Реалноста е дека овие болести се откриваат во детството и зашто се генетски и ретко се манифестираат на постари години, истакнува Весна Алексовска од Националната алијанса за ретки болести.
- Сакаме да се подигне свеста и да можеме полесно да стигнаме до лекови, барем за тие болести за кои ги има, да можат луѓето со ретки болести да имаат пристоен живот и семејство. Да се намалат несаканите дејства и не дај боже, смртните случаеви. Во Македонија се регистрирани 450 лица со ретки болести, од кои дури 80 отсто се деца. Кај нас има 70 ретки болести – вели Алексовска.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот