X
 12.12.2017 Образование

Ученици од Охрид и од Скопје станаа „новинари“ и истражуваа за климатските промени

Ова се проекти преку кои се развиваат вештините на 21 век. Децата учат од реални ситуации, работат на реални проблеми. Истражуваат, бараат начин како да најдат решенија - вели наставничката по информатика Маја Виденовиќ

Педесетина основци од Охрид и од Скопје учествуваа во Глобалниот светски проект Climate Action project. Заедно со уште 248 училишта од 70-ина земји од цел свет, македонските основци соработуваа на теми за климатските промени во текот на четири возбудливи недели.

 


На проектот што го поддржаа познати светски личности и медиуми учествуваа основните училишта „Кочо Рацин“ од Охрид, под менторство на одделенската наставничка Виолета Петковска, и „Крсте Петков Мисирков“ од Скопје и наставничката Маја Виденовиќ.

- Учениците спроведоа истражување, размислуваа и разговараа за идеи, ги презентираа и ги споделија своите сознанија за овие теми преку видеа и онлајн-презентации, скајп-сесии и лекции. Во проектот за климатска акција ги разградуваме ѕидовите во училниците и ги поврзуваме учениците преку 69 земји. Учениците ги споделуваат своите наоди преку неделни видеа или презентации. Учениците стануваа новинари, а нивните училници станаа редакции – вели Петковска, која проектот го работеше со ученици од петто одделение.


Таа додава дека ова е проект во кој наставниците првично излегуваат надвор од нивните удобни зони.

- Наставниците открија нови пристапи и алатки. Тие направија глобална врска и учењето беше забавно! Учениците учат на многу различни начини (соработка, изразување и креирање, истражување, дискутирање, поврзување со експерти за социјалните медиуми итн.) И ќе имаат многу различни резултати (составување песни, танцување, создавање, користејќи лего, Minecraft, запирање на видеоснимки, интервјуирање и сл.). Овој проект опфаќа неколку теми: наука, математика, историја, биологија, литература, итн. – вели одделенската наставничка во „Кочо Рацин“.

  
Маја Виденовиќ (лево), Виолета Петковска (десно)

Наставничката по информатика Маја Виденовиќ од „Крсте Петков Мисирков“ објаснува дека во нивниот проект биле вклучени 20 деца од осмо и деветто одделение.
- Децата беа многу возбудени во текот на целиот проект. Досега сме работеле странски проекти - иТвининг, Еразмус. Ова се проекти преку кои се развиваат вештините на 21 век. Децата учат од реални ситуации, работат на реални проблеми. Истражуваат, бараат начин како да најдат решенија. Интересно е што за многу работи учениците разговарале дома со родителите и на некој начин и заеднички доаѓале до решенија – вели Виденовиќ.



Во еден дел од проектот децата требало да ги презентираат своите проекти пред нивни врсници од други училишта. На децата од скопското училиште им се „паднало“ училиште од Виена.
- Во прво време децата се грижеа дали нивниот англиски е доволно добар, но лесно се опуштија и комуницираа со своите врсници од Австрија. Мене ми беше импресивно што децата многу сакаа да учат. Дури и за викенди работеа, а остануваа и по часовите – додава Виденовиќ. Како се одвиваше проектот, кој траеше до 31 октомври? Во првата недела - што се климатски промени, во втората – причини и последици во вашата земја, третата - план на одделението, а четвртата – ајде да зборуваме за тоа – скајп-поврзување и следење скајп-лекции.


Наставничката Петковска нè информира дека токму овој проект ќе аплицира за награда во март вгодина во Бон, Германија. Автор на проектот е Коен Тимерс, Мајкрософт-експерт и Global Teacher Prize.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование