X
 13.12.2017 Наука

Научниците откриле: „Човечкиот род го достигна својот врв, па неговиот напредок е во опаѓање“

covek

Долго време се верувало дека развојот на човекот е долг процес што се состои од постојан напредок што ќе трае вечно. Но научниците веруваат дека човечкиот род го достигнал својот врв и дека се движи преку своите способности, како и тоа дека човечкиот напредок е во опаѓање.

Како дел од деталното истражување биле проверени податоци стари 120 години. Научниците заклучиле дека постојат граници кога станува збор за човечките карактеристики, како што е животниот век, како и крајните граници кога станува збор за висината на човекот и неговата сила.

„Во овој момент и понатаму се обидуваме да ги поместиме овие граници“, потсетуваат научниците. Тие предупредуваат дека со оглед на начинот на кој ја менуваме околината во која живееме, а притоа мислат на глобалното затоплување, не само што овие граници нема да успееме да ги поместиме туку и последиците од глобалното затоплување ќе нè уназадат.

Човештвото долго време напредувало. Брзината на трчање што некогаш се чинела незамислива денес е вообичаена, а поместени се и границите на животниот век на човекот, но со текот на времето ќе има сè помалку вакви рекордни достигнувања и резултати.

„Сè помал број луѓе ќе успеваат да го достигнат рекордот во брзо трчање, но нема да го надминат, а животниот век повеќе нема да се зголемува“, пишуваат научниците во статијата објавена во магазинот „Граници во психологијата“.

„Некои својства не се менуваат на подобро и покрај научните, медицинските и нутриционистичките подобрувања и достигнувања. Ова значи дека современото општество му овозможило на човекот да ги достигне своите граници. Ние сме прва генерација на луѓе што е свесна за тоа“, вели професорот Жан-Франсоа Тусен од парискиот Универзитет „Декарт“.

„Истовремено во некои работи и достигнувања назадуваме. За тоа ние сами сме одговорни, бидејќи негативно влијаеме врз сопствената околина“, додава тој.

„Тоа ќе биде еден од најголемите предизвици на векот во кој живееме, особено поради притисокот на антропогени човечки активности што ќе бидат одговорни за негативните ефекти врз здравјето на луѓето и врз животната средина. Со проучувањето на падот на овие тенденции, заклучивме дека раните сигнали се променија, но не на подобро. Во последните десет години меѓу населението на некои африкански земји забележавме дека нивната височина генерално е намалена, што укажува на тоа дека некои општества не се повеќе во состојба да обезбедуваат доволна количина храна за своите деца, ниту да ги одржуваат здрави своите потомци“, предупредува парискиот професор.

Тој и неговите колеги мислат дека политичарите, владите и другите одговорни луѓе треба да се фокусираат на тоа на луѓето да им обезбедат можност за постигнување на сегашниот лимит, а не да инсистираат за понатамошно поместување на границите.

„Со оглед на ограничувањата кога станува збор за околината, треба да се вложат многу повеќе средства во постигнувањето рамнотежа во однос на зголемениот притисок врз екосистемите. Само ако успее тоа, тогаш ќе можеме да ја разгледаме можноста за понатамошен напредок кога станува збор за човечкиот живот и повеќето човечки биомаркери“, завршува Тусен.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука