X
 14.12.2017 Живот

Преземање на фотографии или авторски текстови како колумни без дозвола од авторот е казниво

„Неказнивоста на престапите во онлајн медиумите е евидентна. Причините се различни - инертноста на институциите, неразбирањето на оваа релативно нова сфера, анонимноста на ентитетите, а некогаш штетната заблуда дека за онлајн сферата не важат законите бидејќи не се регулирани со медиумските закони“, рече денеска Зоран Ричлиев, член на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) кој денеска одржа прес-конференција за повредата на авторските права во медиумите.



Од Нова Година Синдикатот ќе тргне во одбрана на правото на авторот, независно дали е новинар, фоторепортер или снимател. Целта е неговиот труд да биде платен и заштитен.
- Преземање на фотографии или авторски текстови како колумни без дозвола од авторот е казниво. Ќе понудиме правна помош за секој чии авторски права ќе бидат повредени и ќе се обрати до нас – рече претседателката на Синдикатот, Тамара Чаусидис.

Таа посочи дека повредата на авторското право е една од најчестите повреди особено во онлајн сферата. Затоа апелира до порталите да го искористат периодот до јануари да пронајдат модалитети за пополнување на сопствените содржини без да ги прекршуваат авторските права. Чаусидис ја потенцира повредата на авторското право во однос на фотографиите, со оглед на тоа што тие се единствен медиумски производ што со своето настанување има статус на авторско дело.
- Тоа значи дека не постои фотографија која не е заштитена со авторско право – нагласи Чаусидис.
Ричлиев посочи дека ССНМ апелира да се направи разлика меѓу оние кои навистина создаваат содржина и тие што бесправно заработуваат од туѓ труд.
- Примената на законите ќе ја зголеми вредноста на авторската содржина и ќе ги стимулира авторите самостојно да креираат поквалитетен новинарски продукт – рече Ричлиев.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот