X
 16.12.2017 Култура

Анастасија Стојковиќ, девојката со најубавиот ракопис: Ме мотивиравте да ја изучувам кирилската калиграфија

Најголемиот предизвик беше и сè уште е да се остане доследен на пишувањето. Калиграфијата е вештина која бара многу внимание, трпеливост и упорност за да се видат посакуваните резултати


Анастасија Стојковиќ

Вистинска уметност создаваат перата на Анастасија Стојковиќ. Таа е победничката на повикот за најубав ракопис што Факултети.мк го објави пред два месеца. Има 25 години и родена е во Пробиштип. Завршила Средна уметничка школа и Факултет за графички дизајн во Нови Сад. Во моментов студира менаџмент во медиуми.


Победничкиот ракопис


Што Ве мотивира да се пријавите на повикот за најубав ракопис што го објави Факултети.мк?
- Во денешниот свет на дигитализација ракописот претставува не само врска со древната традиција туку и поле на бескрајни можности, каде што на креативен и слободен начин можам да го покажам својот сопствен карактер, радост и амбиција. Тоа е просто, игра со самиот себе, односно е начин од длабочината на своето битие, човекот да го извлече најубавиот и најтоплиот дел од својата душа. Затоа со радост се пријавив на вашиот конкурс, бидејќи сакав да добијам потврда дали тоа што мене ме исполнува, гледано со туѓи очи, има и одредена вредност.




Што Ве водеше да го напишете и декорирате токму на тој начин? Имаа ли влијание зборовите на Блаже Конески?
- Блаже Конески е еден од најзначајните македонски писатели и творец кој со својата поезија ја поттикнува мојата креативност. Меѓутоа, да бидам искрена, ова е мојот прв мал проект што го напишав на кирилица, бидејќи поради недостиг на литература за учење калиграфија на кирилско писмо, досега се усовршував само на латинично, па сè уште не сум ја развила доволно вештината на нашето писмо. Токму вашиот конкурс ме мотивира дополнително да се пренасочам на изучувањето на кирилската калиграфија.

За колку време го завршивте и дали ова беше единствената верзија што ја изработивте?
- Ми беа потребни три-четири часа за да ја испланирам композицијата и да ја напишам.


Илустрација на поезија од Пабло Неруда (Enigma)

Колку време се занимавате со калиграфија и како почна приказната?
- Додека бев во средно имав предмет Писмо, каде што првпат се запознав со убавината на оваа вештина. Меѓутоа, не посветив доволно време и внимание сè до последната година на студиите по графички дизајн, кога за дипломски труд бев инспирирана да илустрирам книга поезија од Пабло Неруда. Идејата ми беше да направам спој на илустрација и калиграфија. Работев на тој проект околу четири месеци и до ден-денес останав фасцинирана од техниките на декоративните букви.

Кој Ви бил најголемиот предизвик на полето на убавото пишување досега?
- Најголемиот предизвик беше и сè уште е да се остане доследен на пишувањето. Калиграфијата е вештина која бара многу внимание, трпеливост и упорност за да се видат посакуваните резултати. Колку поретко се вежба, толку вештината побавно ќе се формира.

Илустрација на поезија од Пабло Неруда (Ode to the book)

На пазарот на трудот, каква перспектива има оваа професија? Дали луѓето бараат автори што убаво пишуваат и за што најчесто Ве ангажираат?
- Дигиталната ера го олесни создавањето и ширењето на нови, како и на историски поврзани фонтови. Самата калиграфија дава уникатен израз на секоја поединечна форма на буква, што не е можно со дигиталните технологии без оглед на нивната софистицираност. Поради оваа причина, мислам дека секој што ја изучува и практикува оваа вештина има иднина на пазарот на трудот.

Илустрација на поезија од Пабло Неруда (Bird)

Кој е Вашиот следен предизвик?
- Јас сè уште сум студент по калиграфија. Првата цел ми е да посветам повеќе време за проучување на кирилски ракописи, а втората е да работам и да соработувам на креативни проекти каде што модерната калиграфија е дел од применетата уметност.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура