X
 16.12.2017 Образование

Скопјани сѐ помасовни во бојкотот на наставата в среда. Дали некој мисли на нашите деца?

Тоа што го дишеме нè убива! Тешко е да се седи затворен дома, особено со мали деца и секојдневно, да ѝ објаснувам на ќерка ми зошто не смее да оди на лулашки, зошто мора да носи маска, зошто другите деца не носат маски. Околу 600.000 деца под 5-годишна возраст умираат од болести предизвикани од или загрозени од загадувањето на воздухот на отворено и во затворен простор, особено во сиромашните земји, вели Тамара Сухарова-Градишки, мајка на две дечиња од Автокоманда


Тамара Сухарова-Градишки

Додека родителите во Скопје се организираат свесно и совесно да не ги пуштат децата на училиште и во градина в среда (20 декември) револтирани од преголемото загадување, од Министерството за образование и наука велат дека се свесни за состојбата, но не можат да го поддржат бојкотот. Изгубените денови ќе мора да се надополнат. Дали зимскиот распуст ќе почне порано, зависи од загадувањето, кое е високо веќе неколку дена, но ако стане ветровито, состојбата веднаш се менува.
Околу 1.500 родители на социјалните мрежи се изјасниле дека ќе ја бојкотираат наставата, а уште 3.000 размислуваат да се вклучат во акцијата откако Тамара Сухарова-Градишки, мајка на две мали дечиња од населбата Автокоманда, на „Фејсбук“ стави своја фотографија со маска и со транспарент: „#Свесно и совесно ја бојкотирам наставата на моето дете 20.12.2017. #Не се дише. #Бараме итно решавање на проблемот“.

Табела на УНИЦЕФ

- Испровоцирана сум од фактичката ситуација. Тоа што го дишеме нè убива! Загадувањето на воздухот е екстремно и никој не презема конкретни мерки. Тешко е да се седи затворен дома, особено со мали деца, и секојдневно да ѝ објаснувам на ќерка ми зошто не смее да оди на лулашки, зошто мора да носи маска, зошто другите деца не носат маски. УНИЦЕФ ги повикува светските лидери да го намалат загадувањето на воздухот оти предизвикува поголема смртност кај децата на годишно ниво отколку маларијата и ХИВ/СИДА заедно. Околу 600.000 деца под 5-годишна возраст умираат од болести предизвикани од или загрозени од загадувањето на воздухот на отворено и во затворен простор, особено во сиромашните земји – категорична е Сухарова-Градишки.




Каде се луѓето од здравството?

Тамара вели дека сè повеќе луѓе ја прифаќаат иницијативата и даваат поддршка.
- Се надевам дека работава ќе ја истераме докрај, достоинствено како родители, всушност како и што ни прилега. Децата се наша одговорност. Моќта да ги смениме работите е во раце на возрасните. Кога веќе сме решиле да станеме родители, тоа е наша должност. Овозможувајќи им на децата да дишат чист воздуx, правиме долгорочна инвестиција во нивното здравје. Тоа е нивно право – вели таа.
Идејата на бојкотот е единствено да им го привлечат вниманието на властите, на министерствата за здравство, за образование и наука, за труд и социјална политика, за животна средина и просторно планирање. Да испратат порака дека очекуваат реакција на екстремното загадување на воздухот.



- Да ја разбудиме свеста кај нив дека решавањето на проблемот со загадување треба да биде нивна примарна работа. Да допреме до нив и како родители, и тие имаат деца исто како нас. Дали се одговорните на терен, дали мерат? Тие ги знаат граничните вредности за различните загадувачки супстанции за заштита на човековото здравје и треба да реагираат, а не да молчат. Треба да излезат и да прогласат елементарна непогода. Да се пратат децата на предвремен распуст. Да се искомбинира наставата ако треба и во летните месеци. Да се обезбедат градинките и училиштата со посебна вентилација за филтрирање на воздухот, а не само да ги дотеруваат надворешно, кога внатре сè е скапано. Особено ме загрижува фактот што никој од извршната власт не излегува во одбрана на децата. Каде се тука луѓето од здравството? Како можат да замижуваат пред вакви работи – прашува Сухарова-Градишки.

Не очекуваме чуда, но очекуваме да почне нешто да се презема

Граѓаните не очекуваат дека проблемите ќе се решат преку ноќ и веќе в четврток ќе дишат чист воздух. Бојкотот е облик на мирен протест. Но, додаваат, ако нема реакција, подготвени се да преземат и порадикални чекори.
- Тука би се вклучило целото население бидејќи и ние, возрасните, имаме право и потреба да дишеме чист воздух. Со преземање мерки за решавање на загадувањето се справуваме со заканите врз здравјето на децата и климатските промени истовремено. Свесна сум дека се потребни години за да се реши проблемот, но мора да се почне. Најважно е да се откријат најголемите причинители за загадувањето, особено во зимскиот период, и итно да се преземат мерки, на секое поле – вели Тамара.



Таа очекува масовност во бојкотот. Ги повикува медиумите повеќе да ги информираат граѓаните за загадувањето.
- Многу од родителите не знаат што значат загадувачите како PM10, PM2.5, Ozone (O3 ), Nitrogen oxides (NOX), Polycyclic aromatic hydrocarbons и други и како влијаат врз здравјето на човекот. Јас се преплашив кога прочитав. Страшно е – вели таа.
На прашањето како таа лично се справува со загадувањето и колку често ги носи дечињата (3 и 1 година) на воздух, Тамара вели:
- Се трудиме колку што можеме со маски и јонизатори на воздухот, кои не секое семејство може да си ги дозволи. Маските се за деца над тригодишна возраст, новороденчињата остануваат незаштитени при секое излегување од домот. Одлуката за забрана на возила на Водно ја поздравувам, секако, но не е решение децата да ги носиме само два дена по неколку часа на планина. Единствено решение гледам во прекин на наставата во градинките/училиштата, во најзагадените денови. Овие установи да бидат опремени со системи за филтрирање на воздухот, намалување на фреквенцијата или забрана на возила во околините каде што учат децата, затворање на најголемите загадувачи во градот во овие критични месеци – смета Сухарова-Градишки.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование