X
 18.12.2017 Образование

„Без јазикот ќе си недостигаме самите на себе“, Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура одбележува 50 години постоење

Педесет години од основањето на меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура синоќа беа одбележани во малата сала на Македонската филхармонија. На настанот се обратија Никола Јанкуловски, ректор на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, Славица Велева, директор на Семинарот, министерот за култура Роберт Алаѓозовски.

Ректорот Јанкуловски со професионалците од Семинарот на македонски јазик и литература

Во рамките на свеченоста беше промовирана монографијата „50 години Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура“, во издание на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“. Делото го промовираше проф.д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

- Големата мисла на уште поголемиот Петре М. Андреевски вечерва ме/нè води. „Без јазикот ќе си недостигаме самите на себе“, вели Андреевски, „оти само јазикот никогаш не нè оставил сами и тој памети многу повеќе отколку што ние можеме да заборавиме“. Имам чувство дека оваа идеја е онаа што ги носела сите кои во далечната 1967 година ја дадоа иницијативата, а потоа и учествуваа во нејзината реализација на т. н. Славистички семинар на Универзитетот во Скопје. „Семинарот за македонски јазик, литература и култура е основан пред половина век“, како што пишува во обраќањето на Редакцијата на изданието што вечерва го промовираме, „со цел пред меѓународната јавност да се претстават научните достигнувања во областа на македонскиот јазик, литература и историја, како и да се даде поттик за натамошниот развој на славистичката наука кај нас и во светот – рече Мојсова-Чепишевска.

Весна Мојсова-Чепишевска ја промовираше монографијата

Уште некаде во 1948 година, Блаже Конески ќе констатира: „Нашиот јазик се кове најмногу во ковачницата на преведувањето“. А за да го ковеме и исковеме потребни се сериозни македонисти, суптилни проучувачи и познавачи на македонскиот јазик, литература и култура, вљубеници во македонскиот збор, добри/сериозни преведувачи. Токму таква ковачница е, но и ќе биде и понатаму, овој семинар.


Затоа воопшто не е претерано кога кажувам јасно и гласно дека на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура треба да гледаме како на вистински продолжувач на она што го започнаа и Пулевски и Мисирков. А оваа идеја на Андреевски треба да остане вечна поука и порака до сите нас – нагласува професорката. На монографијата работеа: проф. д-р Славица Велева, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, проф. д-р Елка Јачева-Улчар, проф. д-р Симон Саздов, Роза Тасевска и Евдокија Илијевска.

Резултатите од посветената работа се значајни за македонскиот народ, за неговиот идентитет и култура, а и за долгогодишната борба за македонската државност, рече министерот Алаѓозовски.

Министерот Алаѓозовски и ректорот Јанкуловски

- За тоа, им оддаваме почит и длабоко им се поклонуваме на сите генерации слависти и македонисти, кои придонесоа и придонесуваат во запознавањето на светската јавност со научните достигнувања во областа на македонскиот јазик, литературата и историјата, во зближувањето на научниците - слависти и соработката и во поттикнувањето за натамошниот развој на славистичката наука кај нас и во светот. Нивните дела нѐ обврзуваат, а целите на Семинарот остануваат и натаму наши заеднички цели – рече Алаѓозовски. Тој истакна дека Министерството за култура неодамна објави 11 предлог-мерки, со кои„ ќе ги развиваме механизмите, институциите и можностите за македонскиот јазик и литература во повеќе сфери.“

Настапи хорот на АКУД „Мирче Ацев“, како и камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“ со солистите проф.д-р Драган Даутовски и Ратко Даутовски.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование