X
 18.12.2017 Образование

Дескоска: Секој универзитет ќе има овластено лице каде анонимно ќе може да пријавите корупција

На универзитетите ќе има овластено лице за прием на пријави на корупција, а пријавувањето ќе биде анонимно. Тоа лице ќе го избира Сенатот за период од две години и истото ќе го информира Сенатот за својата работа. Ова е предвидено во новиот предлог-закон за високо образование, а денеска го најави министерката за образование и наука, Рената Дескоска на потпишувањето на Декларацијата за универзитети без корупција. На потпишувањето на документот денеска присуствуваа раководителите на седум универзитети во земјава. Тие имаа и ексклузивна можност да го разгледаат новиот предлог-закон за високо образование, кој им го врачи лично министерката Дескоска.


Рената Дескоска

- Во предлог законот се предвидени повеќе механизми за борба против корупцијата, деконцентрација на моќта, учество на студентите во одлучувањето, механизми за департизирање на одредени постапки - рече Дескоска.
Предлог-законот денеска ќе биде објавен и на Единствениот национален електронски регистер на прописи на Република Македонија. Со тоа се става и на јавна дебата за сугестии за да се подобри предлог-легислативата.

Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Никола Јанкуловски рече дека институцијата е целосно посветена да ги применува законите, меѓу нив и новиот Закон за заштита на укажувачите.
- Само кога сме заедно, организирани и сплотени ефикасно можеме да се бориме против корупцијата – рече Јанкуловски.

На потпишувањето на декларацијата присуствуваше и Микаела Швајцар-Блум, заменик-амбасадорката на САД во Македонија. Таа рече дека борбата против корупцијата бара посветеност на сите фактори во општеството, а неопходни се јасни правила и процеси кои ќе промовираат интегритет, како потреба од транспарентност и одговорност.
- Корупцијата во универзитетите ја поткопува довербата во образовниот систем. Како резултат, студентите кои стануваат сè поразочарани, ја напуштат земјата. На Македонија и требаат тие студенти, кои се паметни и амбициозни, да останат тука и да го дадат својот придонес. Ректорите во Македонија да преземат заштита на „свиркачите“ на универзитетите и да ги охрабрат професорите и целата администрација на универзитетите да пријавуваат корупција. Потребни се системи на транспарентност на финансиите на универзитетите, со кои би се отежнала можната злоупотреба - рече Швајцар-Блум.

Декларацијата ја потпишаа ректорите на универзитетите „Св. Кирил и Методиј“, „Св. Климент Охридски“, „Гоце Делчев“, Југоситочна Европа, „Св. Апостол Павле“, „Мајка Тереза“ и проректорот од Универзитетот во Тетово. Потоа се одржа и тркалезна маса, а професори од сите универзитети дебатираа за тоа како универзитетите да го применат Законот за заштита на укажувачите.
Подготвил: В.И.И.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование