X
 18.12.2017 Култура

„Родителите се виновни што децата бараат смартфони и таблети од Дедо Мраз!“


Дедо Мразот Рон
(Фото: Joe Giddens / Press Association / Pixsell)


Долговечниот британски Дедо Мраз, 82-годишниот Рон Хорниблу, сака да се пошегува со децата кога ќе му седнат во скутот и ќе му кажат дека за Божиќ под елката сакаат да најдат ајпед.

– Eye pad? (на анг. медицинска лепенка за око) Што му е на твоето око? Те боли? Дај да видам – им одговара најчесто, иако добро знае што е ајпед.

Во својата 53-годишна кариера тој се наслушал секакви детски желби, но забележал дека децата почнале многу да пребираат кога се во прашање подароците што им ги носи. Вели дека не станува збор само за ајпедот, туку за цела палета електронски уреди што се во тренд во последниве години. Па така, уште на пет-шестгодишна возраст децата му порачуваат компјутер или смартфон.

Најмногу го изненадува кога петгодишниците му бараат мобилен телефон.

– Ми велат дека сите нивни другарчиња имаат смартфони. Кога ќе ги прашам зошто им е, ми велат дека им треба за да комуницираат со другарчињата. Тогаш ги потпрашувам зошто не разговараат со нив додека се во градинка или на игралиште?

Рон Хорниблу се сеќава кога децата се радувале на еден портокал што би го пронашле под елката, а сега, пред да се претвори во Дедо Мраз, мора да се едуцира со цел да биде во тек со најновите изблици на технологијата. 

Консумеризмот и денешниот начин на воспитување на децата го уништија божиќниот дух

Децениското искуство со деца и нивните желби го натераа да сфати дека опсесивниот консумеризам и воспитувањето од страна на денешните родители целосно го уништиле оној вистински божиќен дух.

Родителите се глупави што влегуваат во минус заради подароци

– Некои родители навистина се глупави што влегуваат во минус на банкарските сметки само за да им купат подароци на децата. Што се случува кога треба да ги вратат тие долгови? Се хранат во народни кујни - вели овој Дедо Мраз.

– Пред триесетина години децата посакуваа кукли, мечиња и евентуално санки. Всушност, не можам да се сетам кога последен пат некое дете од мене побарало да му донесам санка или некаква сликовница. Освен ако е „киндл“ – тажно се потсетува Дедо Рон.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура