X
 19.12.2017 Живот

Маја Б.Талевска, новинарка во СБС: Работата на новинарите во Австралија има сериозна тежина и предизвикува почит

Новинарката Маја Б. Талевска, која три години живее во Мелбурн, од неодамна е дел од радиоекипата на СБС, за што вели дека е одлична професионална шанса.



Маја Б. Талевска во студиото на СБС во Мелбурн

СБС е еден од двата национални, јавни сервиси, основани од парламентот на Австралија, медиумски хибрид од радио, ТВ и дигитална мрежа, а самото радио важи за најмултикутурен медиум на светот, кој продуцира и емитува програма на 74 јазици. Еден од нив е и македонскиот. Новинарката Маја Б. Талевска, која три години живее во Мелбурн, од неодамна е дел од радиоекипата на СБС, за што вели дека е одлична професионална шанса.
СБС е всушност основана во 1975 година, односно во периодот кога се случиле најголемите миграциони процеси во Австралија, особено на мигранти што не го зборувале англискиот јазик. Талевска објаснува дека ова е медиум кој е светски пример за високи новинарски стандарди на работење и информирање.
- Шансата е ретка, особено што бројот на работни места во македонската редакција на радио СБС е многу ограничен. На моја среќа, се отвори позицијата casual radio producer, конкурирав и по стандардното интервју, новинарски и јазичен тест, успеав да ја добијам – вели таа.


СБС е медиум кој ја промовира различноста

До ден-денес овој информативен сервис ја отсликува реалноста на австралиското мутикултурно општество и потребата сите етникуми што живеат таму да добијат точна, релевантна и навремена информација на нивниот мајчин јазик, раскажува Талевска. Се работи за медиум кој ги промовира различноста и мултикултурализмот и чија главната мисија е луѓето што не се родени во Австралија сепак да се почувствуваат како дома.
Македонската редакција е мал, но компактен и ефикасен тим од искусни новинари, предводен од извршниот продуцент Радица Бојковска-Димитровска. Емитуваат емисија во живо од студијата во Мелбурн и во Сиднеј, по еден час дневно, пет дена во неделата.




Македонскиот тим е предвоен од извршниот продуцент Радица Бојковска-Димитровска


- За потребите на нашата публика, подготвуваме билтен-вести на македонски јазик кои содржински 70 проценти се однесуваат на Австралија и австралиското општество, а останатите 30 отсто на актуелностите од светот и од Македонија. Освен вести, продуцираме прилози, интервјуа, анкети и репортажи на теми што се однесуваат или се во интерес на македонската заедница во Австралија – вели Талевска за Факултети мк.
Таа исто така истражува, пишува и конкурира на дигиталната мрежа на СБС со теми на англиски јазик, кои се од интерес не само на македонската туку на пошироката австралиска заедница. За медиумите во Австралија, вели дека се одлични.
- Работата на новинарите тука има сериозна тежина и предизвикува почит. Кога медиумите разоткриваат афера во Австралија, таа не поминува без последици, без разлика кој е во прашање. Не постојат „бели мечки“ ни во политиката ни во кој било друг сегмент од општеството. Впрочем, Австралија е држава во која владеат правото и законите и тие важат еднакво за сите. Тука ја гледам основната разлика со Македонија, која потоа се пресликува во сите други сегменти – објаснува Талевска, која својата новинарска кариера ја почна во МТВ, а работеше и во дневниот весник „Дневник“, како и на ТВ-емисијата „Зебра“.

Во Македонија, вазална, поданична свест видовме и кај судиите, лекарите, полицијата, професорите

Дека двата јавни сервиси АБЦ и СБС не се во служба на ниту една политичка партија или, пак, на државата, туку исклучиво на јавниот интерес, Талевска вели дека е доказ тоа што постојано може да чуете и да прочитате аргументирана критика за владејачката партија, без разлика кој е на власт. Додава дека она што е глобален тренд во медиумите, како дигитализација и пад на печатените медиуми, е актуелно и таму. Еден од водечките печатени медиуми, дел од групацијата Fairfax media, весникот The Age, кој е основан во Мелбурн во1894, најавил дека наскоро ќе престане да се печати и ќе продолжи само со дигиталното издание.


Животот во Австралија е привилегија

- Од друга страна, печатените медиуми на магнатот Руперт Мардок, кој покрај споменатата Fairfax media, се вториот најголем играч на печатената медиумска сцена во Австралија, се чини дека сѐ уште се финансиски доста моќни. Неодамна националниот весник The Australian оствари загуба од 1,3 милион долари во судски процес за клевета, кој го доби, но не можеше да го наплати, а сепак финансиски преживеа без некој поголем проблем. Нешто што не би можела да го замислам во македонски контекст – објаснува Талевска.
За македонското новинарство, вели дека денес е логична и тажна последица од она што се случуваше последните 10-15 години. Медиумите, според неа, се само еден сегмент на севкупното општество, длабоко потонато во корупција, па во таа смисла тие се лакмусовата хартија на општествениот, јавен морал, кој се покажа како длабоко еродиран во речиси сите сфери.
- Не се обидувам да ги амнестирам новинарите, но отсуство на интегритет, знаење, критичка мисла и силно присуство на вазална, поданична свест видовме и кај судиите, лекарите, полицијата, професорите, и кај многу други професии, кои беа и сѐ уште се во една интензивна, вносна, „вонбрачна“ врска со власта. Патем, да не заборавиме дека во тоа најтемно поглавје на македонското новинарство, кое можеби некогаш ќе се изучува на школите и на универзитетите за новинарство во светот, имаше и неколку брилијантно добри примери на истражувачко новинарство од светски калибар, од страна на колеги од БИРН, Призма и Нова ТВ. Тоа ми дава надеж дека македонското новинарство пак ќе најде сила да се регенерира и повторно да ја открие смислата на своето постоење – вели таа.

Животот во Мелбурн е привилегија




Талевска се пресели во Австралија пред три години бидејќи нејзиниот партнер, чија фамилија веќе пет генерации живее таму, не сакал да дојде да живее во Македонија откако претходно го искусил животот тука.
- На почетокот таа одлука изгледаше како компромис од моја страна, кој следуваше како резултат на моите катастрофални преговарачки способности, но сега, откако живеам тука некое време, ми изгледа како привилегија. Во Мелбурн се заљубив од првиот момент и тој „меден месец“ еве и по три години сѐ уште трае. Не е случајно што овој град е прогласен за најдобар град за живење во светот, петта година по ред – вели Талевска.



Што се однесува до Австралија, вели Талевска, како држава, таа е многу повеќе од онаа погрешно стереотипизирана слика на плажи, палми, кенгури и носталгични имигранти.
 - Пред сѐ е земја со исклучителна природна убавина, љубезни и културни луѓе, чисти улици и јавни тоалети, одличен здравствен систем, добро образование, фантастична архитектура, беспрекорно уредени тревници, интернационална гастрономска сцена, дотерани луѓе и одличен животен стандард. Опкружена со богатството на нации, раси и култури, тука се чувствувам како граѓанин на светот во вистинска смисла. Среќна сум што со мојот партнер ја избравме Австралија за дом на нашето семејство.
Поврзаноста на Македонија и Австралија е силна, особено од аспект дека многу нашинци живеат таму. Талевска објаснува дека уште една Битола живее таму, и точно според последниот попис од 2016 во Австралија се потврдило дека живеат над 100 000 Македонци, бројка што е во постојан пораст.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот