X
 20.12.2017 Култура

Новинарите годинава останаа без „Јасмин“


Минатогодишните добитници, публицистот Аљуш Камбери (лево) и новинарот Тони Димков

Нема да се додели државната награда „Мито Хаџи-Василев - Јасмин“ за остварувања во областа на публицистиката и новинарството, поради пропусти во Собранието, соопшти денеска Министерството за култура. Од слични причини пред два месеца не беше доделена ниту државната награда 23 Октомври.
- Комисијата за избори и именувања и Собранието на Република Македонија не ја спровеле процедурата за избор на Одборот за доделување на државната награда „Мито Хаџи Василев-Јасмин“ за 2017 година. Одборот, пак, требаше да го распише конкурсот и да ги спроведе постапките за избор на наградените. Затоа годинава оваа државна награда не може да се додели – соопшти Министерството за култура.

Овој ресор е носител на стручните и административните работи околу доделување на наградата. Од Министерството велат дека се обиделе на време да се реализираат обврските и преку Одделението за државни награди покренале иницијатива да се именува нов состав на Одборот за доделување на „Мито Хаџи-Василев – Јасмин“, годинава, на 21 август.

- Но, на почетокот на август беа распишани локалните избори, а според укажувањата на Државната комисијата за спречување на корупцијата, Собранието ги прекина парламентарните седници и комисиските расправи сè до завршување на изборниот период. Така беа пробиени законските рокови и за конкурсот, кој според Законот треба да трае од 1 до 31 октомври, па Одборот да донесе одлука. Затоа, наградата во 2017 година нема да биде доделена – објаснуваат од Министерството.

Мандатот на претходниот Одбор за доделување на оваа државна награда завршил годинава, на 9 јуни. Претходниот состав на Собранието на истиот ден донело одлука за разрешување и именување на претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда „Мито Хаџи-Василев – Јасмин“ чиј мандат трае две години.
- Очекува во најскоро време Собранието на РМ да го спроведе изборот на членови на Одборот за доделување на оваа државна награда, за да не биде доведено во прашање нејзиното доделување за наредната година – велат од Министерството.

Државната наградата „Мито Хаџи-Василев - Јасмин“ се доделува на поединци за остварувања во областа на публицистиката и новинарството. Во една година можат да се доделат најмногу две награди, а за нив одлучува Одборот за доделување на државната награда „Мито Хаџи-Василев - Јасмин“, кој го избира Собранието, по предлог на Комисијата за избори и именувања. Одборот е составен од претседател и 12 члена, распишува конкурс и донесува Одлука за доделување на наградата. Конкурсот трае од 1 до 31 октомври. Наградата традиционално се врачува во Собранието, 21 Декември – Денот на раѓањето на Мито Хаџи-Василев - Јасмин.

Наградата се доделува од 1969 година, а лани ја добија публицистот Аљуш Камбери и новинарот Тони Димков.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура