X
 21.12.2017 Наука

Стратегијата за обновлива енергија на едно 11-годишно девојче

енергија
Фото: Wikipedia

На 11-годишна возраст повеќето ученици се мачат да запомнат што имале за домашно, меѓутоа, Алексиа Браво има поголеми нешта на ум: да ја спаси планетата со обновлива енергија.

Браво инвестира во енергија произведена од брановите, нешто што таа вели дека има моќ да го замени необновливиот извор на електрична енергија за домовите што се наоѓаат близу океаните.

На само 11-годишна возраст Браво беше најмладата личност што учествуваше на годишниот состанок на Американската геофизичка унија. Овој факт е дополнет со сознанието дека ова е втора година како Браво ги презентира своите иновации во технологијата поврзана со брановите. Овогодишниот прототип се прошири на ветерната и на сончевата енергија, како и на продолжување на нејзините анализи и наоди со енергијата произведена од брановите.

Откако направила детално истражување на оваа тема, младата Браво одлучила да преземе акција. Таа моделирала, а подоцна и изградила мал генератор на бран што може да произведе 5 волти електрична енергија. Генераторот се состои од 16 помали генератори. Секој од овие генератори има 60 метри бакарна жица, 12 магнети и пловка.

„Го тестирав мојот дизајн во Тихиот Океан и успеав да напојувам светилки што ги поврзав на генераторот. Додека брановите во океанот ја мрдаа пловката, мојот дизајн беше напојуван со вертикално движење на брановите. Мојот генератор беше погоден со значителен хоризонтален бран и сфатив дека не го искористувам тој правец на движење. За генераторот да произведе повеќе електрична енергија, експериментирав со тоа што „фатив“ енергија при хоризонталното движење на водата и тоа го инкорпорирав во мојот генераторски дизајн. Генераторот исто така е изложен на сонце и ветер, така што го истражувам и потенцијалот на соларната и ветерната енергија за зголемување на производството на електрична енергија“, вели таа.

Браво изјави дека откако нејзините прототипови ќе го максимираат своето производство на електрична енергија, таа сака да го прошири својот дизајн и да го направи подостапен за оние што бараат почист извор на енергија.

„Само 10 отсто од електричната енергија во Америка доаѓаат од обновлива енергија. Сметам дека тоа не е доволно. Мислам дека, чекор по чекор, можам да земам по една куќа и да ѝ обезбедам обновлива енергија“, завршува таа.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука