X
 25.12.2017 Образование

Промоција на УКЛО: „Патеките на транзицијата – емпириска анализа на македонската и на бугарската економија: растот, инвестициите и економската соработка“

kniga

На 21 декември 2017 година во Ректоратот на УКЛО одржана е промоција на книгата „Патеките на транзицијата – емпириска анализа на македонската и на бугарската економија: растот, инвестициите и економската соработка“ од авторите,  академик Гоце Петрески,  д-р Оливера Костоска и д-р Дарко Лазаров.

Промоторот,  академик Таки Фити, претседател на МАНУ, изнесе високи оценки  за стручниот опфат на анализата и вредните сознанија од студијата како влијателни во актуелниот економски миг.  

Академик Гоце Петрески, еден од авторите на научната монографија, подвлече дека станува збор пред се за економска компаративна анализа на две траектории на растот, во временска отсечка од современата транзиција, два различни модели, две различни стратни позиции и две различни искуства во растот на двете економии. Студијата клучно е базирана на неколку економетриски техники како најсовремени пристапи во анализата на овие феномени, кај две економии, едната на држава-членка на Европската Унија, а другата на држава чиишто аспирации се да стане членка на ЕУ.

Ректорот на УКЛО, проф. д-р Сашо Коруновски истакна дека промоцијата на книгата на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола има дополнително значење со вклученоста на  академски кадар од УКЛО во емпириска анализа од ваков вид и ги отвора перспективите за унапредување на соработката со МАНУ.

Во двегодишната работа, на близу 200 страници, научната монографија врши анализа на карактеристиките и специфичностите на моделите на економски раст во Македонија и во Бугарија, идентификација на ограничувачките фактори и предизвиците пред кои беа исправени овие земји во периодот на транзиција, истражување на специфичностите на трговската размена и анализа на можностите за искористување на синергетските ефекти преку интензивирање на економската соработка помеѓу двете земји, анализа на специфичностите поврзани со странските директни инвестиции, трансферот на технологија и продуктивноста во Македонија и во Бугарија. За реализирање на така поставената цел, користен е сет од неколку научно-истражувачки методолошки пристапи: сметководство на растот, економетрија на растот и компаративна анализа. Проучувањето на динамиката на економскиот раст и факторите што го детерминираат, преку анализа на идиосинкратските услови на конкретната земја се исклучително значајни за дизајнирање на економски политики кои ќе ги таргетираат претходно адресираните ограничувања и ќе овозможат акцелерирање на економскиот раст на долг рок.

Личната оценка на авторите на научната монографија: академик Гоце Петрески,  д-р Оливера Костоска и д-р Дарко Лазаров е дека се работи за успешна студија којашто има специфичен пристап, без претходна генеза во емпириските истражувања во Република Македонија.

Патеките на транзицијата претставува студија работена во рамките на соработката меѓу МАНУ и Бугарската акдемија на науките, во периодот 2014-2016 година.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование