X
 26.12.2017 Живот

Васко Цацаноски, активист: Не барајте заштитни маски со активен јаглен - немаат никаква улога во филтрирањето на ПM-честичките

Активниот јаглен непотребно ја зголемува цената на маската. Друго нешто што ја зголемува цената е дали маската е неопренска или не. Неопренските маски се меки на допир, најчесто црни и шарени. За зимски услови тие маски можеби нудат термичка изолациjа (како шал, на пример), но не придонесуваат во однос на основната функција – филтрирањето, вели Цацаноски, кој веќе пет години вози единствено велосипед


Васко Цацаноски (лево)

Каква заштитна маска да користите кога воздухот е опасно загаден, кој филтер најдобро штити од честичките ПМ 2,5 и ПМ 10? Дали поскапиот и попривлечниот производ значи дека е подобар? Пред десетина дена, кога Скопје потона во густа магла, а воздухот беше енормно загаден, речиси сите заштитни маски во градот беа продадени. Скопјанецот Васко Цацаноски на социјалната мрежа „Фејсбук“ напиша и детаљно објасни кои маски се најдобри, бидејќи интензивно ги користи веќе две сезони. Неговиот пост го пренесоа многу корисници на мрежата.

Цацаноски живее во скопската населба Хром, оддалечена околу 6 километри од центарот на градот. Тој веќе пет години го користи велосипедот како главно превозно средство, секој ден, цела година. Со Васко разговараме за неговото искуство, за заштитните маски што ги користи, каде ги набавува, дали граѓаните се свесни и совесни за животната средина и за загадениот воздух?

Колку долго и колку често возите велосипед?
- Веќе пет години велосипедот ми е главно превозно средство за која било потреба во градот: од одење на работа, секојдневни обврски, па и нешто што е можеби незамисливо за локални услови, како одење на културни манифестации или пак на свадбени прослави . Од неодамна набавив и товарна приколка за да можам да пренесувам и погабаритен и потежок товар. Го користам велосипедот 365 дена во годината, без разлика на временските услови. Не постои лошо време за возење велосипед, има само несоодветна облека и несоодветна опрема. Барем денес има лесно достапни ветроотпорни и водоотпорни јакни, панталони и чевли кои се сосема соодветни за секојдневно градско користење. Тие што не се согласуваат со овој став може да прашаат за мислење некој Холанѓанец, Данец или Швеѓанец дали можеби кај нив помалку врне, помалку дува и е потопло од Македонија, штом таму може да се видат толку голем број велосипеди на улиците во текот на целата година. Еве видео од девојче во Северна Финска. Тоа ниту е натчовек ниту ги има менталните (културолошките) бариери присутни во Македонија.


Како се чувствувате ако треба да извозите 4-5 километри низ Скопје дишејќи го загадениот воздух без заштитна маска?
- Се разбира дека не е пријатно. Загадениот воздух се чувствува уште повеќе во градите кај оние што прават некоја физичка активност во такви услови. Но, сепак, дури и да немам маска, би возел велосипед како превозно средство бидејќи сите сме изложени, дури и оние што се во автомобил (и придонесуваат кон загадувањето). Движејќи се со велосипед, сепак си пократко изложен на загадениот воздух, а притоа несебично не придонесуваш кон зголемено загадување.


Нова и користена маска (употребувана 6 часа, во три дена)

Велите дека веќе две сезони употребувате заштитни маски. Како се информиравте каква да набавите?
- За постоењето на таквите маски дознав од интернет. Најпрво преку некои статии за Пекинг и тамошното загадување, во кои имаше стории како луѓето се справуваат со него. Имаше и кратка анализа за типови маски. Посакав да пробам и да набавам. Бидејќи не знаев какви, а имав искуство со купување од „Ибеј“ (интернет-купување), побарав таму, но понудата беше огромна и се соочив со проблемот со кој сите сограѓани се соочуваат – што ми треба? Тоа ме заинтересира да истражам повеќе на темата и да прочитам за различните типови маски пред да се одлучам да купам некоја.


Секаде со велосипед

Од Вашето досегашно искуство, која е најефикасна и зошто?
- Најефикасни се тие што почитуваат стандарди кои се зададени од европски или американски сертификациски тела. Конкретно станува збор за стандардите FFP2 (стандард во САД), т.е. европскиот пандан N95, кои потврдуваат дека маската филтрира 95 отсто од честичките, или FFP3 (САД), т.е. N99, кои потврдуваат дека маската филтрира 99 отсто од честичките. Се разбира, FFP3/N99 се нешто подобри од FFP2/N95, но од друга страна најчесто се значително поскапи и понекогаш дишењето преку нив е малку потешко. Затоа, не би можел категорично да ги препорачам едните за сметка на другите. И двата типа се доволно добри. Би препорачал маските да се од некој реномиран производител за кој може да потврдиме од интернет дека навистина ги има заслужено сертификатите што тврди дека ги поседува. Многу често кај нас се продаваат маски со активен јаглен. Читателите треба да знаат дека активниот јаглен нема никаква улога во филтрирањето на ПM-честичките, туку има улога во филтрирање органски молекули, миризби, бактерии... Воедно, активниот јаглен во маските многу ја зголемува нивната цена и за загадениот скопски воздух практично е (речиси) бескорисен.

Родителите најчесто се водат по логиката „најскапото е секогаш најдобро“. Во однос на заштитните маски, што велите Вие?
- Делумно е точно, но не е апсолутно применливо во секој случај. Како што веќе реков, активниот јаглен непотребно ја зголемува цената на маската. Друго нешто што ја зголемува цената е дали маската е неопренска или не. Неопренските маски се меки на допир, најчесто црни и шарени. За зимски услови тие маски можеби нудат термичка изолациjа (како шал, на пример), но не придонесуваат во однос на основната функција – филтрацијата. Она што е најважно се стандардите и производителот.


Со приколка за да може со себе да носи и погабаритен товар
Фото: Тоше Огњанов

Како го оценувате нивото на свесност кај граѓаните и во поглед на загадениот воздух и во поглед на желбата нешто да се смени?
- Граѓаните се исклучително свесни за загаденоста и се искрено загрижени поради загадениот воздух. Но, проблемот не само што не е лесно да се реши туку ќе е исклучително непопуларно за тие што ќе се обидат нешто да направат. Кога граѓаните индивидуално коментираат и предлагаат мерки, што ги следам на социјалните медиуми и во непосреден разговор, може помеѓу редови многу лесно да се види како тие лично загадуваат и како не сакаат да прифатат дека и тие учествуваат во загадувањето. Упорно се игнорира засега единствената анализа што беше изработена во Финска и во Австрија, која ни кажа од каде доаѓа загадувањето, т.е. дека доаѓа прилично рамномерно од повеќе извори - затоплување, индустрија, автомобили, улична прашина. Наместо да се фокусираме само во еден правец, мора решавањето на проблемот да биде сеопфатно, бидејќи во спротивност ќе имаме само парцијални резултати. Тие што возат автомобили како основно превозно средство велат „не е до нас, до греењето е“, тие што се греат на дрва велат „не е до нас, до индустријата е“, индустриските загадувачи велат „не е до нас, до греењето е“... и така во круг секој за себе вели дека не е, туку таму некаде другиот е. За да се реши проблемот со загадениот воздух, мора да се променат и личните навики, да се прифатат промените, но и да се размисли и да се воведат темелни системски решенија. Исто така, отсуствува и посуштинска анализа на системските решенија.


Граѓаните тешко прифаќаат дека и самите учествуваат во загадувањето

Во секој од четирите столба на извор за загадување има и простор за нив, но некои предложени солуции сметам дека ќе нè одведат во погрешен правец. Би се задржал на затоплувањето во овој момент. Како главно решение се зборува за гасификацијата. Таа сама по себе не е воопшто лоша, но би сакал да посочам два факти за кои никој или многу малку се зборува. За да пристигне гасификацијата до нашите домови, треба и домовите да задоволуваат технички карактеристики кои се задолжителни во земјите каде што има гас во домовите, како на пример соодветно проветрување. Дали се надеваме на решение кое не можеме ни да го примениме бидејќи нашите домови биле изградени без да се предвиди идна гасификација? И второ, поважно, зошто гасификација кога имаме топлификација? Уште во минатиот век нашите сограѓани одвојувале од своите приходи за да се изгради таа мрежа. Некој во 90-тите години одлучил дека профитот е поважен од скопскиот воздух и од здравјето на граѓаните, па решил да ја приватизира, што предизвика поскапување на цените и масовно откажување од мрежата. Мрежата стана комерцијална и како таква несубвенционирана од државата/градот за топлификација да може да работи со екстра-профит.


Наместо гасификација, да ја национализираме топлификација

Сега, предлогот е повторно ние (преку даноците) да платиме милиони и милиони евра за да изградиме нова мрежа, овој пат гасификациска. Ќе го направиме тоа, ќе платиме како што направивме пред десетици години со Топлификација. Што ќе се случи по неколку години од изградбата? Ќе „увидат“ дека ќе биде попрофитабилно да се приватизира, ќе отидат нашите пари во туѓ џеб, приватизацијата ќе предизвика поскапување и ново откажување од мрежата. Зошто наместо тоа, да не ја национализираме топлификација, како што е во најголемиот дел од европските држави (државна или градска, а не приватна)? Впрочем, обезбедувањето топлинска мрежа е законска обврска на градот Скопје. Па потоа субвенционирано да ја допрошириме мрежата за да стигне до што е можно повеќе домови. Така добросостојбата ќе ја почувствуваме двојно, и преку чист воздух и преку инфраструктура која е заедничка на сите граѓани.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот