X
 30.12.2017 Култура

Жените во Техеран повеќе нема да бидат апсени за непокривање во јавноста

teheran

По речиси 39 години од воведувањето на строгите правила за облекување, жените во Техеран повеќе нема да бидат апсени ако се појават во јавноста со непокриена глава.

Изјавата што ја даде полицијата на главниот град на Иран изненадува бидејќи укинува еден од најстрогите закони што владеат во земјата уште од 1979 година.

„Оние што не ги почитуваат исламските правила на облекување повеќе нема да бидат апсени, ниту пак ќе биде покрената тужба против нив“, вели генерал Хосеин Рахими, шеф на полицијата во Техеран. Ова важи само за главниот град на Иран, каде што обичаите се полиберални. Наместо притвор, престапниците ќе мора да посетуваат часови што ги држи полицијата.

Овој потег веројатно ќе ги налути религиозните лица во оваа земја, каде што хиџабот се смета како составен дел од начинот на облекување на муслиманките. Од друга страна, сè поголем број жени се противат на овој закон и ќе бидат задоволни со оваа одлука.

Реизборот на релативно умерениот претседател Роухани е можеби една од причините за умерениот закон. Исто така, можна причина се неверојатните реформи што се спроведуваат во Саудиска Арабија, под покровителство на принцот Мохамед бин Салман. Иако на жените во Саудиска Арабија сè уште им е забрането да се појавуваат непокриени во јавноста, законите што забрануваа посетување на исти места каде што се наоѓаат и мажи се укинуваат.

Две генерации Иранки израснале под рестриктивните закони што наметнувале хиџаб откако шахот бил симнат од власта во 1979 година. Во градовите многу жени носеле марами спуштени назад, така што поголемиот дел од косата им бил непокриен, поместувајќи ги границите на законот. Во последно време активистките протестирале поставувајќи фотографии на социјалните мрежи на кои не носат марами.

Тесната облека исто така се смета за несоодветна во Иран, додека моралната полиција може да ги казни мажите ако во јавноста се појава во шорцови или без кошула.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура