X
 17.02.2021 Здравје

Како да се зголеми ефективноста на вакцините? Одговорот е поедноставен отколку што мислите

Ако сакаме да се потпреме на вакцините против Ковид-19 за да ѝ стават крај на пандемијата на коронавирусот, тогаш треба да го зголемиме нивното влијание. Едно нешто што го поткопува нивното ниво на заштита е недостигот на хранливи материи, особено кај постарите лица.

Постарите луѓе имаат послаби реакции на имунитетот и знаат да реагираат послабо на голем број вакцини, за разлика од помладите генерации, вклучително и вакцината против грип. Но, покрај фактот дека здравјето на старите лица е едноставно покревко, што не може да се поправи, недостигот на витамини и минерали исто така игра важна улога во нарушеното здравје.

За имунолошкиот систем да се избори со инфекцијата или да создаде добра заштита од болеста по вакцинацијата, потребни му се разни микроелементи. Бидејќи ова важи за сите други болести, веројатно е точно и за Ковид-19. Затоа, ако нивото на витамини и минерали во организмот се подигне кај постарите лица пред вакцинацијата, тоа може да биде начин за зголемување на ефектот на самата вакцина врз нивниот имунитет.

За да функционира правилно имунолошкиот систем, потребни му се витамини како А, Б6, Б9, Б12, Ц и Д, како и минералите цинк, селен, железо и бакар, барем според Европската агенција за безбедност на храната.

Се покажа дека секој од овие микроелементи, заедно со витаминот Е, игра повеќе улоги во поддршката на имунолошката функција и намалување на ризикот од заразување со болест.

Истражувањата покажаа дека постои врска помеѓу слабиот имунитет и ниското ниво на многу витамини и минерали. Кога имунолошкиот систем не е соодветно снабден со витамини и минерали, тогаш ова може да доведе до негова слаба реакција на вакцината.

vitamini
Фото: Freepik

На пример, преглед на девет истражувања, во кои биле вклучени 2.367 лица, открива дека лицата со недостиг на витамин Д се помалку заштитени од два вида грип, по приемот на вакцината и во споредба со лицата што имаат доволно ниво на витамин Д во организмот.

Од друга страна, докажано е дека рандомизираните контролирани испитувања на додатоци на микроелементи (како што се витамини Б6, Е и минерали цинк и селен) кај постарите лица ја зголемуваат способноста на имунолошкиот систем да одговори на предизвиците. Имунолошкиот систем најдобро функционира доколку има доволно витамини Ц, Д и Е, заедно со голема количина на минерали цинк и селен, а тоа може да се постигне со правилна исхрана.

На пример, нивоата на селен над нормалното или оптималното се поврзани со поголема шанса за лекување.

Едно истражување покажа дека ако луѓето на возраст меѓу 65 и 85 години јадат 5 или повеќе порции овошје и зеленчук на ден, тие имаат значително посилен имунолошки одговор на пневмококната вакцина отколку луѓето на иста возраст што јадат две или помалку порции овошје и зеленчук на ден.

Во друго истражување, давањето дневни додатоци на витамин Е на луѓе постари од 65 години го зголемува производството на антитела во нивното тело откако беа вакцинирани против хепатит Б и тетанус.

Кај луѓе со недостиг на селен, дневните додатоци подобрија некои делови од нивниот имунолошки одговор на живата полиовирусна вакцина и исто така ја намалија инциденцата на нови мутирани видови на вирусот.

Овој последен резултат покажа дека нови варијанти на вирусот се развиваат кај луѓе чии тела се под оксидативен стрес, односно кога немаат антиоксиданси во организмот, како што се витамин Е и селен.

Извор: The Conversation
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје