X
 17.02.2022 Наука

Како ќе изгледа климата во Европа во 2050 година?

Светот се соочува со климатски промени од невиден размер во историјата на нашата планета, чии ефекти ќе се зголемат барем до 2050 година и ќе ги погодат сите региони на Европа.

Меѓувладиниот панел на Обединетите нации за климатски промени (IPCC) минатото лето ја објави својата не толку оптимистична визија за климатската иднина во светот. Врз основа на ова, шестиот по ред извештај, а во рамките на европскиот проект „Европски систем за предвидување на климата“ (англ. European Climate Prediction system), европските научници направија поучен и достапен видеопреглед наречен „Климата во Европа во 2050 година“.

Видеото е објавено на јутјуб-каналот на Катедрата за геофизика на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот во Загреб. Желбата на авторот е да нѐ запознае со она што можеме да го очекуваме во 2050 година: колку и како ќе се променат врнежите и температурата, како тоа ќе влијае врз пејзажот и нашиот начин на живот и, во крајна линија, на што ќе треба да се приспособиме.

Поглед во иднината

Климатските промени со кои се соочуваме денес се без преседан. Топлотни бранови, суши, поплави... Од година на година ги чувствуваме нивните последици во секојдневниот живот. Нивните ефекти ќе се зголемат барем до 2050 година и ќе бидат погодени сите региони на Европа - се вели во описот на видеото.

Овој филм му помага на просечниот граѓанин да разбере како климата ќе ги преобликува околината и начинот на живот во наредните децении и ни овозможува подобро да ја предвидиме потребата човечкото општество да се приспособи на овие делумно неизбежни климатски промени.



Извор: Bug.hr
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука