X
 17.03.2020 Образование

Професор од Кавадарци бесплатно нуди математички содржини онлајн во време на изолација

Професорот и иноватор Димитрија Ангелков од Кавадарци бесплатно нуди математика онлајн за возраст од 7 до 77 години, во време на изолација поради коронавирусот. Смета дека тоа ќе им помогне на многумина паметно да го искористат слободното време.

- Компјутерите како наставно средство за едукација на младите во развиениот свет веќе долги години заземаат истакнато место. Наставата се изведува со квалитетни едукативни програми кои ги користат мултимедијалните особини на компјутерите - изјави професорот Ангелков.

Во развиените средини, додава тој, вообичаено е првите работи што ги учат младите да се од седењето пред компјутер, благодарение на софистицираната графика и капацитетите што ги нуди персоналниот компјутер.

- Во нашата средина, и покрај добрите услови за организација, таков начин на работа ретко се среќава поради недостигот на квалитетен софтвер. Според мене, битката со недостиг на ваква едукативна мултимедијална содржина веќе е добиена со нашиот мултимедијален проект „Интерактивна математика“. Тоа е всушност збир од 190 дела од сите полиња на математиката. Техничките решенија се во согласност со највисоките стандарди за пријатно корисничко опкружување - нагласува овој доктор на електротехнички науки, кој е познат по многубројните иновации и има добиено награди.

Ангелков појаснува дека оваа онлајн-математика се одликува со впечатлив графички интерфејс, интуитивен управувачки систем кој ја исклучува можноста родителите да помагаат при користење на софтверот. Во согласност со принципите за учење преку забава, остварена е од 12 математички видеоигри и 178 интерактивни форми, кои на прегледен и уреден начин им овозможуваат на младите да ги зголемуваат симпатиите кон математиката.

- Ние имаме слух за новите напредни идеи, како и за унапредување на нашиот школски систем. Опфатени се повеќе теми што се најважни за темелно разбирање на математиката. Меѓу другото, геометриски тела, тест на интелигенција, популарната видеоигра математички милионер, логика, моќта на математиката, ефектот на пеперутка, судоку, дропки и децимали, проценти, типови на броеви. Може да се вежба и да се игра - истакнува Ангелков, кој е професор по стручни предмети во Електромашинското училиште во Кавадарци.

Ангелков појаснува дека сите што сакаат да практикуваат математика во овие денови само треба на е-адреса dimitrijaa@gmail.com да му испратат сериски број од програмата, по што тој ќе им прати код за регистрација. Програмата може да се симне на веб-страницата http://www.tablapametna.com/?page_id=213

- Како основач на компанијата ,,Интерактивна иднина“ и како професор, сакам да им помогнам сите оние што седат дома поради коронавирус, да имаат некаква занимација - вели Ангелков, нагласувајќи дека ги задржува правата над проектот како програмер и дизајнер.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование