X
 17.03.2022 Наука

Најоддалечената точка во светот е поблиску до астронаутите отколку до копното

Дали некогаш сте размислувале каде би се наоѓала и како би изгледала најоддалечената точка во светот? Таква точка постои во Тихиот Океан и се нарекува океански пол на непристапност.

Станува збор за замислена точка која го добила името Точка Немо, а била откриена и именувана во 1992 година од страна на хрватско-канадскиот инженер и истражувач Хрвоје Лукатела. Тој бил инспириран од ликот на капетанот Немо од романот „20.000 милји под морето“ на Жил Верн. Хрвоје сметал дека името, кое во превод значи „никој“, совршено одговара на најоддалеченото место од копното на Земјата.

Тој лично не го посетил овој дел од Земјата, туку ја пресметал неговата позиција со помош на технологијата. Оваа точка им е поблиска на астронаутите што се наоѓаат на Меѓународната вселенска станица отколку на најблиското копно на Земјата. Астронаутите се оддалечени од оваа точка 416 километри, а копното на Антарктикот е оддалечено дури 2.700 километри.

Денес ова подрачје се смета за „гробишта на вселенски летала“ бидејќи вселенските агенции тука ги испраќаат вселенските летала кога паѓаат на Земјата, по завршувањето на мисиите. Единствените луѓе што успеале да ѝ се приближат на точката биле учесниците на океанската трка со јахти која се одвива на секои неколку години.

Интересот за посетување на овој дел е мал бидејќи е потребен голем труд, а не ве очекува ништо спектакуларно, освен море.

Извор: Pun kufer
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука