X
 17.04.2019 Живот

Пет земји што ја спасуваат планетата

Последните климатски извештаи изгледаат мрачно: неодамнешното истражување објавено во списанието „Наук“ покажува дека океаните се затоплуваат 40 отсто побрзо отколку што претходно се мислело, додека научниците за климатските промени на ОН објавија извештај во октомври 2018 година во кој предупредуваат дека зголемувањето на температурите може да предизвика големи поплави, суши, недостиг на храна и пожари до 2040 година доколку не се преземат драстични мерки.

Додека глобалната заедница сè уште треба да изоди долг пат кон решавањето на климатските промени, одредени земји даваат позитивни придонеси за планетата според Индексот на добра земја, чија цел е да го измери влијанието што една земја го има врз поширокиот свет, како што е еколошкиот отпечаток во однос на големината на економијата и процентот на искористена обновлива енергија.

- Во време на напредна глобализација и масовна меѓузависност, порано или подоцна, сè ќе има влијание врз целиот систем. Сакав да го создадам првиот индекс што ќе го мери надворешното влијание на секоја земја врз целото човештво, планетата, надвор од сопствените граници - изјави Сајмон Анхолт, независен политички советник кој го создал индексот.

Норвешка

norveska
Фото: Alamy

На врвот на листата за придонес кон планетата и климата е Норвешка, која е лидер во голем број еколошки иницијативи, вклучувајќи ја и промената на возење електрични автомобили и владината заложба за климатска неутралност до 2030 година. Но, односот со природата оди многу подалеку од политиката. Норвежаните го прифаќаат концептот на „фрилуфстлив“, што се преведува како „живот на отворено“ и ја пренесува важноста за поминување време на отворено за човек да биде здрав и среќен.

- Тоа е длабоко вкоренет дел од нашата култура и речиси религија за многу луѓе - вели Аксел Бентсен, основач и извршен директор на „Урбан Шеринг“, компанија зад популарната програма за споделување на велосипеди.

- Го поминуваме времето на отворено во какви било временски услови, а нашите бебиња ги оставаме да дремнуваат надвор. Нашиот главен град Осло е уникатен по тоа што можете да фатите автобус што ќе ве однесе во шума, така што ова е популарна активност пред и по работа - раскажува тој.

Осло беше прогласен за европска зелена престолнина во 2019 година од Европската комисија поради инвестициите во велосипедизмот и јавниот превоз и поради неговиот иновативен пристап кон климатското буџетирање. Исто така, градот работеше да стане град во чиј центар нема да има автомобили.

Иако 99 отсто од домашната електрична енергија се од хидроенергија од крајбрежјето, фројдовите и водопадите, Норвешка сè уште е главен нафтен екстрактор и извозник, што стана контроверзно политичко прашање.

- Дали вреди да се извлекуваат и извезуваат нафтата и гасот бидејќи генерираат огромни суми пари што се трошат на инфраструктура за животната средина која инаку би била достапна? Многумина мислат дека парите потрошени за инфраструктура за животната средина ќе ги инспирираат другите градови и другите земји и на крајот ќе доведат до позелен свет. Други мислат дека тоа е двоен стандард - вели Дејвид Најкле, британски иселеник кој во Норвешка живее од 2011 година и го води блогот „Животот во Норвешка“.

Португалија

portugalija
Фото: Alamy

Португалија беше ран лидер во инвестирањето во целосна мрежа на станици за полнење на електрични автомобили (што беше бесплатно до неодамна) и ги поттикна граѓаните да инсталираат соларна енергија и обновлива енергија со пониски стапки и можност за продажба на енергијата назад во мрежата.

- Повеќето од моите соседи имаат соларни панели или пума за вода. Во мојата куќа, моите родители ја инсталираа оваа пумпа која ја претвора дождовната вода во чиста вода што ја користиме за наводнување на нашите растенија, перење на облеката и за нашите миленичиња - вели Маријана Магалаес, по потекло од Португалија, но сега живее во Велика Британија. Таа вели дека е шокирана што има толку малку полначи за електрични автомобили во Лондон, во споредба со тоа колку имало во нејзиниот мал рурален град.

Рециклирањето и ѓубривото се нормален начин на живот, со специјализирани канти во секое населено место, вклучувајќи и една канта за батерии. Образованието игра огромна улога во претворањето на секојдневните зелени напори во реалност.

- Во средно имавме многу часови за еколошкото образование и често одевме да одржуваме часови во локалниот парк за да ја вградиме љубовта кон животната средина - вели Мариана.

Португалија веќе долго време е аграрно општество што ги користи своите богати природни ресурси.

- На границата меѓу Португалија и Шпанија на север можете да видите планини исполнети со машини за обновлива енергија од ветер. Можете да видите и хидроелектрични брани на езерата за собирање енергија од водата. Имаме природни услови што го фаворизираат користењето на обновливите извори на енергија. Бидејќи се поевтини, постепено почнавме да ги користиме - вели таа.

Во ридестиот главен град Лисабон велосипедизмот не е толку многу распространет како во другите европски метрополи, но други одржливи начин на транспорт веќе стануваат популарни.

- Електричните скутери за изнајмување се огромен хит. Лисабонците го прифатија како еколошки начин да се заобиколи градот - вели Венди Вернет, која живее во Португалија веќе две години.

Уругвај

urugvaj
Фото: Alamy

Уругвај стана најголем светски лидер во областа на обновливите извори на енергија и постојано е рангиран на високо место на Индексот за планета и клима.

- Уругвај нема нафтени резерви и троши многу пари за увоз на стока. Затоа, ги заменивме нафтените горива со чиста енергија, нешто што го постигнавме за помалку од една деценија - вели Лола Мендез, која има уругвајско-американско потекло. Денес, околу 95 отсто од електричната енергија е од обновливи извори, главно од хидроелектраните, но исто така е дополнета со сончева енергија, енергија добиена од ветер и биогорива.

- Во 2012 година Уругвај работеше само со 40 отсто од обновливата енергија, но ова драстично се промени за многу краток временски период - вели Мендез.

Надвор од економските стимулации жителите имаат силна врска со земјата низ вековите.

- Уругвајците отсекогаш ја почитувале Тиера Мадре. Од домородните племиња Шаруа до гаучосите кои одгледувале милиони крави и овци во земјата, живеејќи од самата земја и културите што ги одгледувале. Токму преку овој начин напредувале Уругвајците - раскажува Мендез.

Јавниот превоз (главно напојуван со електрична енергија) може да се најде во повеќето големи градови, а меѓународниот аеродром Караско во главниот град Монтевидео исто така е блиску да стане целосно одржлив со соларна инсталација.

Кенија

кенија
Фото: Alamy

Со повеќето екстремни временски услови и почестите суши, Кенија веќе ги чувствува првичните ефекти од климатските промени. Како реакција на тоа, владата работи на заштита на нејзината земјоделска економија, лансирајќи Акционен план за климатските промени и обврзувајќи се да ги намали емисиите на стакленички гасови за 30 отсто до 2030 година.

Друг напор што ѝ помогна на Кенија да се најде на 26. место на Индексот за планета и клима е неодамнешната забрана за пластичните кеси за заштита на водата и природната средина. Забраната стана една од најстрогите во светот, носејќи затворски казни и големи парични казни за жителите (и туристите) ако ги користат.

Но, не е потребна владина интервенција за заштита на животната средина.

- Заедниците тука имаат воспоставено традиционални системи за заштита на животната средина. Пример е шумата Масаи Лоита, која претставува една од поретките преостанати менаџирани шуми во Кенија, главно поради локалните правила и традиционалните системи за заштита - вели Феј Куевас, постар заменик-претседател на ИФВА (Меѓународен фонд за благосостојба на животните).

Семејството и животната средина не се делат според Масаи, домородна етничка заедница во Јужна Кенија и Северна Танзанија.

- Кога ќе ги слушнете овие луѓе како се поздравуваат, поздравот вклучува неколку разговори. Прво се разговара за животната средина - дожд, здравјето на тревата, водата. Потоа се дискутира за стоката и на крај за семејствата - објаснува Џон Каманга од заедницата Масаи.

- Истиот сет на традиционални принципи се користи за управување на животот како целина - недостигот на здрава животна средина значи дека нема да има крави, што значи дека нема да има деца, што значи загуба на традиционалната култура и древниот начин на живот - додава тој.

Нов Зеланд

nov zeland
Фото: Alamy

Рангиран на 39. место на Индексот за планета и клима и лидер во азиско-пацифичкиот регион, Нов Зеланд ја сфаќа заштитата на своите природни ресурси доста сериозно, особено поради тоа што економијата зависи од земјоделството и туризмот.

- Нашата земја е позната во светот како „Чист зелен Нов Зеланд“ - вели Брендон Лин, кој го води блогот „Брен он д роуд“.

Земјата создаде меѓупартиска коалиција на парламентарните лидери за да го создаде „Нет Зеро“, план за мапирање на политиките потребни за постигнување јаглеродна неутралност до 2050 година. Иако Зеланд е само две третини од големината на Калифорнија, има околу 10 отсто од населението на САД, што нема потреба да се грижи за секојдневните еколошки проблеми како што е загадувањето на воздухот или премногу депонии, во споредба со другите големи урбанистички центри.

- Ретко во Нов Зеланд да се видат депонии во кои изобилува пластика, потоци затнати од пластични шишиња и кеси - вели Ли.

- Пластичните кеси се забранети во супермаркетите. Нема ниту пластични сламки. Сега во тренд е да имате убаво шише за повеќекратна употреба. Сега, откако живеам во Нов Зеланд, ја земам животната средина многу повеќе предвид. Тука рециклирам сè, го намалив консумирањето на производи од животинско потекло и верувам дека живеам поодржлив животен стил - вели Британецот Џес Тонкинг, кој сега живее во Квинстаун.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот