X
 17.05.2018 Економија

Менаџери од водечки компании доаѓаат на FMCG самитот во Скопје

Менаџери, сопственици, професионалци од секторот за трговија со стоки за широка потрошувачка ќе учествуваат на 4. Самит за трговија со стоки за широка потрошувачка (FMCG) што од денеска ќе се одржи во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, а во организацијата на магазинот „InStore“.

Своите знаења пред повеќе од 300 професионалци од средниот и од топ менаџментот на македонските FMCG-компании, ќе ги споделат десет говорници од Македонија и од странство. Главен говорник на самитот ќе биде Миодраг Боројевиќ, извршен директор на рускиот синџир маркети „Океј“, кој ќе ги презентира предностите на македонските производствени компании и можностите за пласман на рускиот пазар.


Ќе се обрати и Енвер Малиќи, сопственик на „Гемак“, една од водечките компании во FMCG индустријата во Македонија. Малиќи со присутните ќе ја сподели својата инспиративна бизнис-приказна.
- „Магазинот 'InStore' четврта година по ред го организира FMCG самитот, на кој сме особено горди, затоа што претставува уникатен настан за споделување знаење и искуство, за размена на идеи и за подигнување на културата на FMCG-секторот на едно повисоко ниво“ - вели Верица Мартиновска, директорка на магазинот „InStore“ во Македонија.

На бината пред присутните ќе зборува и Џорџ Ангелакис, сениор консултантка во Европската банка за обнова и развој, која воедно е и програмски поддржувач на Самитот. Ангелакис ќе зборува за успешни менаџмент-практики од FMCG-индустријата.
Останатите говорници ќе дадат одговори на прашањата: Дали разбираме како иновациите, дигитализацијата и големите бази на податоци влијаат врз работењето? Како познавањето на трендовите да се претвори во предност на пазарот? Како да се пронајде формулата за успех на пазарот?
Магазинот „InStore“, во чија организација е самитот, е уникатен регионален проект, месечник чие печатено издание излегува во Македонија, Србија, БИХ, Хрватска и Словенија. Во секоја од земјите, еднаш годишно, магазинот „InStore“ организира FMCG самит.
Подготвил: С.Ѓ

Издвојуваме

Економија