X
 17.05.2020 Економија

Џеф Безос е на пат да стане првиот билионер во светот

Во светот веќе има компании што вредат билиони долари. Кога ќе го имаме и првиот билионер?

Според „Комперисан“, компанија која нуди алатка за споредување бизнис-производи, првиот билионер во светот веројатно ќе биде основачот и извршен директор на „Амазон“, Џеф Безос. Анализите покажуваат дека Безос ќе стане билионер до 2026 година. Од компанијата изјавиле дека процената е направена врз основа на просечниот процент на пораст во богатството во последните пет години.

Според фирмата, богатството на Безос растело просечни 34% годишно во последниве пет години. Во моментов Безос „тежи“ 143 милијарди долари, според индексот на милијардери на „Блумберг“ што секојдневно ги мери богатствата на најбогатите луѓе. Во споредба со минатата година, богатството на Безос се зголемило за над 28 милијарди долари.

Процената на „Комперисан“ предизвика жестоки реакции на „Твитер“, особено затоа што многу луѓе финансиски се погодени поради пандемијата додека богатството на Безос се зголемува.

- Џеф Безос ќе стане првиот билионер во светот додека ние се подготвуваме за влез во депресија - напишал еден корисник на „Твитер“.



Процената доаѓа и по неколку протести од вработените во „Амазон“ за безбедноста на работа со оглед на тоа што тие продолжуваат со работа и за време на пандемијата. Од „Амазон“ изјавиле дека потрошиле над 800 милиони долари од почетокот на годината на мерките за безбедност, како маски, средства за дезинфекција итн. Компанијата вработила и 175.000 нови луѓе поради поголемата побарувачка.



Овој месец, Тим Бреј, потпретседател на „Амазон“, ја напушти компанијата бидејќи отпуштила вработени кои зборувале за лошиот третман во компанијата. Во меѓувреме, многумина го критикуваат Безос дека не помага доволно за светските проблеми со оглед на големината на неговото богатство.
 
Извор: usatoday.com Фото: Wikipedia
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија