X
 17.05.2022 Живот

Научната писменост е важна за децата: Интервју со проф. д-р Никола Стиков, основач на Фондацијата „Кантарот“

„Од атом до шрафче, наука за секое главче“ е мотото на претстојната научна конференција за популаризирање на науката кај децата, која ќе се одржи на 21 мај во Скопје. По тој повод разговараме со проф. Никола Стиков, истражувач на Универзитетот на Монтреал и основач на Фондацијата „Кантарот“, која веќе неколку години работи на подобрување на научната писменост кај најмладите.

Зошто Фондацијата „Кантарот“ одбра да ги стави децата во фокусот на активностите?

Старите велат дека се учи теле, а не вол. Секој час и секој денар инвестиран во нашите деца денес, ќе ни се врати многукратно ако успееме да создадеме научно писмени генерации.

На кој начин Вашата работа допира до најмладите, за кои всушност е наменета?

Кога коронавирусот нè затвори дома, сопругата Драгана и јас решивме да инвестираме дел од нашите пари и време за да придонесеме кон подигнување на научната писменост во државата. Собравме околу себе група научници, наставници и медиумски професионалци и ја создадовме Наука за деца (nzd.mk).

Во првата година произведовме над 100 видеолекции како поддршка за предметната настава во основните училишта, а потоа започнавме и работилници со научни експерименти, спакувани во таканаречени инстант НЗД-пакетчиња. Пакетчињата се инстант затоа што за нивна употреба е потребно само да се додаде вода и да се одвои околу еден час за експериментирање.

На 21 мај се одржува првата конференција на тема популаризација на науката кај децата, во организација на Вашата фондација. Поконкретно, за што ќе се зборува на конференцијата и кој сѐ ќе добие шанса да ѝ се обрати на публиката?

Конференцијата ја замисливме како подарок од Фондацијата за нашите деца, родители, наставници и други „паталци“ кои оправдано се фрустрираат со нашиот образовен систем. Немам илузии дека промената ќе се случи преку ноќ, но сакам да започнеме разговори за тоа како секој од нас може да придонесе кон подобрување на образованието.

В сабота нашиот тим ќе придонесе 50-ина деца да започнат разговор со научници, да научат за магнети, да направат свој холограм и да се запознаат со научниот метод. Ако едно од овие деца реши да продолжи со научна кариера, тогаш трудот се исплател. Попладнето ќе го минеме во онлајн дружба со програмери (Тања Павлеска), биолози (Бојана Стојанова), физичари (Менка Стојанова), наставници (Маја Виденовиќ), дизајнери (Нина Геометриева), експерти за 5Г (Петар Поповски) и вештачка интелигенција (Андреј Ристески). Секој од овие гости има уникатна перспектива за иднината на образованието и се надевам дека откако ќе ги ислушаме, ќе бидеме малку поинформирани и помотивирани да дадеме личен придонес.

Како може да се проследи научната конференција? Дали таа е отворена за пошироката јавност?

Конференцијата е замислена како настан со две полувремиња и едно продолжение. Во првото полувреме (од 12 до 15 часот) ќе организираме работилници во живо со дечиња на возраст од 7 до 12 години. Учеството на овие работилници е бесплатно, но местата се ограничени, затоа пријавете се најбрзо што можете. Во второто полувреме (од 15:15 до 17:45) ќе ги поканиме возрасните на онлајн настан за иднината на образованието, во кој ќе се вклучат десетина докажани истражувачи и професионалци родум од Македонија. Продолжението е забава за нашите поддржувачи на покривот на Интертек (донација од Димитар Силјановски), со коктел-лабораторија од Speakeasy и молекуларна гастрономија од шеф Марк де Јонг.

Ајде да се вратиме на разговорот за фондацијата „Кантарот“. Од кога постои Фондацијата и која е нејзината цел?

За мене, Фондацијата е природна еволуција на блогот „Кантарот“ (qantarot.blogspot.com) кој го започнав со идеја дека во Македонија недостига балансиран пристап кон важни теми и дека треба да престанеме да ја опишуваме земјава како најдобра или најлоша во нешто. Македонија (за жал или за среќа) не отскокнува по речиси ништо од светскиот просек, а кога тоа ќе го разбереме, ќе бидеме поконструктивни во критиките и ќе престанеме да ја користиме фразата „Ова е можно само во Македонија“. Во изминатите десет години се создаде една фина заедница околу блогот, вклучувајќи ја и иницијативата С(ц)иеста која обединува околу 300 научници родум од Македонија. Фондацијата е логичен следен чекор за окрупнување на Наука за деца и С(ц)иеста, како и за поддршка на ентузијасти кои прават работи корисни за државата. Дел од проектите што ги поддржуваме се поткастот Обични луѓе на Илина Јакимовска, музичките енциклопедии на Тошо Филиповски и Нихон-Џи фестивалот за промоција на јапонска култура организиран од Билјана Кочоска. Отворени сме за поддршка на секој што ќе нè убеди дека со малку пари може да направи нешто убаво за Македонија.

Велите дека се обидувате да направите подобри услови за децата кои се заинтересирани за наука, како и да ги поттикнете оние што досега не се заинтересирале да се приклучат кон учењето. Зошто сметате дека е важно децата да бидат во допир со науката уште од мали нозе?

Научната писменост е важна за децата поради потребата да не се земаат работите здраво за готово. Не е доволно да се сомневаш, тоа може да го направи секој третокласен теоретичар на заговор. Потребно е сомнежот да можеш да го преточиш во издржан експеримент, кој ќе ти покаже дали си во право или не. Во време кога целото светско знаење (и незнаење) ни е на дланка, најважно е да можеме да ја разликуваме хипотезата од шпекулацијата, фактот од манипулацијата, сигналот од шумот. Ако ние ги научиме децата да поставуваат прашања и да извлекуваат заклучоци, тогаш кога ќе пораснат, ќе имаат моќни алатки за приспособување во светот, а можеби и за негово подобрување.

За крај, знаеме колку голем предизвик е да се одржува во живот една вака искрена, позитивна иницијатива. Но, како собирате средства за активностите? Како се финансира фондацијата „Кантарот“?

Во светот постои движење што се нарекува ефективен алтруизам и симпатизерите на движењето се обврзуваат да донираат дел од своите приходи во активности кои ќе имаат позитивен ефект врз општеството. Во согласност со оваа идеја, најголемиот дел од средствата на Фондацијата доаѓаат од нашите фамилијарни приходи. Сепак, за да се постигне поголем ефект, потребно е што повеќе луѓе да се декларираат како ефективни алтруисти.

Токму затоа решивме да ја организираме оваа конференција со индивидуални донации од наши пријатели и поддржувачи. Целта ни е со собраните средства да донираме 500 НЗД пакетчиња на основците во Македонија. Секоја донација значи екстра НЗД пакетчиња и работилници за нашите деца!

Визијата на нашата фондација се микродонации и микрогрантови со кои сакаме да создадеме култура на донирање на долги патеки, за заедно да го подобриме нашиот образовен систем. Во изминатата година добивме донации од педесетина поддржувачи, а се надеваме дека со конференцијата ќе успееме да ја дуплираме таа бројка.

Издвојуваме

Живот