X
 17.05.2023 Образование

Студентите во Италија протестираат поради високите трошоци за сместување

Огромен број студенти во Италија не можат да се осамостојат од своите родители поради високите цени за сместување.

Речиси 70 отсто од студентите во Италија живеат со родителите, што е висок процент во споредба со просекот од 17 отсто на ниво на Европската Унија (ЕУ). Студентското сместување обично им се нуди само на семејствата со ниски примања или оние со инвалидитет. Во меѓувреме, младите Италијанци се борат со невработеност и економска криза, дури и по добивањето на дипломата, поради несигурниот пазар на труд и високите трошоци за живот.

Невработеноста на младите во Италија изнесувала 22,3 отсто во март. Поголемиот дел од Италијанците живеат со родителите до својата 30-та година.



Поради сите овие проблеми, група студенти поставиле шатори пред своите факултети и протестираат за да ја поттикнат Владата да ја поправи ситуацијата. Студентката по инженерство Иларија Ламера го започнала ова движење, а досега ѝ се придружиле многу колеги од многу градови во Италија.

Како реакција на протестите, од Владата изјавиле дека ќе вложат 660 милиони евра во создавање ново достапно универзитетско сместување. Според локалните медиуми, студентските протести сè уште се во тек.

Извор: Moj faks
Насловна фотографија: Twitter
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование