X
 17.06.2018 Наша тема

Загрепчанецот Динко Стипаничев е најдобар студент на ФМУ: Во Скопје добив втора шанса да го работам тоа што го сакам

Не грижете се што ќе се случи во иднина! Студирањето е момент кога треба да се изградиш како професионалец, кога треба да си создадеш база и да ја зголемиш личната вредност


- Македонија има добар модел на високо образование и за системот немам замерки. Би можело повеќе финансии од буџетот да се издвојат за образование. Но, тоа не е проблем само во Македонија, туку насекаде во светот – вели Динко Стипаничев, најдобриот дипломец на Факултетот за музичка уметност, кој е од Загреб. Тој на студиската програма - контрабас дипломира со просек 9,97 и е еден од најдобрите студенти на УКИМ за 2017/2018 година.
Стипаничев нема постојано работно место, но е ангажиран во неколку камерни состави и проекти.

Како се одлучи Факултетот за музичка уметност во Скопје да биде твој избор за студии со оглед на тоа дека си од Загреб?

- Во Скопје дојдов во 2013 година поради семејни причини. Со музика се занимавам цел живот, а дипломирав електротехника во Загреб. Па така, одлучив музиката да ми стане професија. Со голема поддршка од мојата сопруга желбата ми се исполни.


Стипаничев на настап

Какво искуство беше студирањето на ФМУ?

- Студирањето на ФМУ ми беше најубав период во животот. Опкружен со музика, со прекрасни млади луѓе, колеги, пријатели и професори. Студирањето ми беше дел од остварувањето на сонот. Што повеќе да кажам. Често се присетувам на големиот хрватски диригент и композитор Ловро фон Матанчиќ, кој станал дел од македонската историја. По Втората светска војна тој завршил во затвор зашто бил прогласен за непријател на тогашниот режим. Не му било дозволено јавно да настапува, но работел со оркестри и му било овозможено да го работи она што најдобро го знае и најмногу го сака. Не сакам да се споредувам со големината на Матанчиќ, ама и јас, работејќи како инженер, се чувствував како во затвор. Во Скопје добив втора шанса да го работам она што го сакам и да ми се оствари сонот.

Кои професори најмногу влијаеја врз твојот развој како музичар додека студираше?

- Мислам дека професорите го препознаа мојот ентузијазам. Со сите остварив многу добар однос и од сите научив многу. Сепак, морам да ја издвојам мојата најдрага професорка Сара Пројковска-Николовска, која ме следеше четири години како уметнички соработник на клавир, на чиј уметнички сензибилитет му се препуштив и го впивам како сунѓер. Со Сара се пронајдов и како уметник и како човек, а мислам дека тоа е многу важно за нашата професија. Ако треба да издвојам уште некој, тоа е професорката Викторија Коларовска-Гмирја поради нејзините несебични предавања по историја на музика. Професорката Дарија Андовска, пак, ме воодушеви со својот модерен, систематичен и методичен пристап кон предавањата по аудиовизија. Кога јас би бил професор, би имал таков пристап. Соработката со професорот по диригирање Сашо Татарчевски исто така беше многу инспиративна.


Со ректорот на УКИМ на доделување на признанијата за најдобрите студенти

Работиш ли сега во дејност поврзана со твојата професија?

- Немам постојано работно место, но сум ангажиран во неколку камерни состави и проекти. Соработував со Македонска филхармонија, Камерен гудачки оркестар на Музичка младина, ансамблот „Кон Темпора“, Камерниот оркестар на младите - Тетово итн. Во моментов продолжувам со професионално усовршување студирајќи на втор циклус студии музичка интерпретација на ФМУ - Скопје. Инаку, амбиција ми е, освен да настапувам, да се занимавам со педагошка дејност и да им ја пренесам својата страст кон музиката на помладите. Тоа го сфатив за време на студиите.

Што би променил во начинот на студирање кај нас?

- Македонија има добар модел на високо образование и за системот немам замерки. Секогаш би можело повеќе финансии од буџетот да се издвојат за образование, ама тоа не е проблем само во Македонија, туку насекаде во светот. Лично почувствував недостиг на добри клавири на ФМУ и простории за вежбање.

Што би им препорачал на актуелните студенти на Факултетот за музичка уметност?

- Не грижете се што ќе се случи во иднина! Студирањето е момент кога треба да се изградиш како професионалец, кога треба да создадеш база и да ја зголемиш личната вредност. Потоа којзнае каде ќе ве однесе животот, ама она што останува како трајна вредност е тоа што сте го изградиле за време на студирањето. Не дозволувајте лошите општествени услови да ви го расипат уживањето во една од најубавите уметности – музиката.
Подготвил: Теодора Цветковска

Издвојуваме

Наша тема