X
 17.06.2020 Живот

Најдобриот начин за социјално дистанцирање на одмор е резервиран за најбогатите!

Загрижени сте дали собата во која влегувате за време на летувањето ќе биде доволно чиста и безбедна од коронавирусот? Страв ви е од другите гости во текот на глобалната пандемија?

Хотелиерите низ светот нудат луксузен начин за намалување на стравот од коронавирусот во текот на одморот ова лето, но тоа доаѓа со висока цена. Ако сте подготвени да платите, не морате да се грижите за другите гости бидејќи во некои од хотелите може да ја резервирате собата што ја сакате и буквално секоја друга соба што постои во тој хотел.


Најголемите хотелски брендови се здружија со компаниите за чистење и здравствените установи за да постигнат одредени стандарди, како и насоки за социјално дистанцирање за да ги привлечат патниците. Целта на мерките е да ги охрабрат гостите да резервираат соба знаејќи дека се почитуваат сите здравствени стандарди.

Но, некои хотели во САД отидоа чекор понапред, па на гостите им нудат можност да бидат единствените во хотелот.

Сопствениците на хотелот „Саут харбор ин“ одлучиле ексклузивно да го понудат имотот за целосен откуп до 30 јули, како дел од нивниот безбедносен протокол.


Цената на една соба се движи од 449 долари за една ноќ и 499 долари за викенд во текот на летото. Во аранжманот за откуп хотелот нуди и попуст од 20 отсто за сите четири соби. Попустот се зголемува за 35 отсто ако гостинот сака да ги изнајми сите соби за цела сезона.


Иако сè уште не е отворен за ноќевање, имот со 13 студија во близина на Хемптонс нуди можност за откуп на сите соби за гости, како опција за продолжен престој за да се намали метежот и да се обезбеди поудобно опкружување и за гостите и за персоналот. Дополнителен акцент е ставен на чистењето, вклучувајќи и дополнително внимание на површини што често се допираат, како и надградба на филтрите за воздух.


Во регионот Мејн, во луксузниот хотел „Кејп Арундел ин“, пакетот чини 9.500 долари неделно. Пакетот ги вклучува сите седум спални соби, неделно одржување на домаќинството, пристап до собата со билјард и бар, базен и велосипеди за истражување на околината. Достапен е и приватен готвач за дополнителни 3.500 долари.


Оваа идеја доаѓа од луѓе што сакаат да летуваат и да се запази социјалното дистанцирање од непознати луѓе.

- Добрата работа е што дури и под карантин, можете да го искористите просторот на најдобар можен начин. Со цената добивате најголемо социјално дистанцирање и врвен душевен мир - изјави директорот на компанијата „Кенебанкпорт ресорт“, Џастин Грејмс.

Извор: Skift.com
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот