X
 17.06.2020

Петар Атанасов: Кандидатурата за ректор ми е неправедно дисквалификувана

Универзитетскиот професор Петар Атанасов вели дека неправедно е дисквалификуван од трката за избор на ректор на најголемиот универзитет во земјава, државниот „Св. Кирил и Методиј“ откако вчера беше објавена листата со шестемина кандидати, без неговото име.

- Универзитетската изборна комисија без ниту една сериозна причина не ме прогласи за официјален кандидат во натпреварот за избор на нов ректор, иако сите документи што беа барани со конкурсот беа доставени уредно и навреме - вели Атанасов во реакцијата.

Вчера Универзитетската изборна комисија (УИК) ги објави имињата со кандидатите и констатирала дека Атанасов од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања немал поднесено комплетна документација согласно условите од јавниот оглас, односно не можеле да ја отворат електронски поднесената програма за работа бидејќи била заштитена со лозинка. УИК посочи дека во наредните три дена незадоволните кандидати можат да достават приговор.

Атанасов смета дека со оваа одлука му се одземаат трите дена за презентација на неговата програма, да се сретне со наставно-научните и научните совети на факултетите и институтите. Тој вели дека сите документи ги испратил навреме и ја известил комисијата дека електронската програма е заштитена со лозинка зашто во тој период не биле јасни следните чекори во постапката (односно се чекаше Владата да донесе уредба дали може ректорски избори да се спроведат во вонредна состојба н.з).

- Нагласив дека во моментот кога Изборната комисија ќе соопшти како ќе продолжи постапката и ќе одлучи да ги разгледува документите, ќе ја доставам и лозинката. За ова имам цврсти докази. Од Комисијата ниту ми се јавија ниту побараа лозинка за документот. Единствената порака што ја добив од Комисијата по е-пошта беше во неделата на 14 јуни, во 23:55 часот, со која бараа да се изјасниме дали остануваме кандидати, без никакви други насоки, единствениот ден кога немаше вонредна состојба во целиот овој период - објаснува Атанасов.

Тој побара оставка од УИК.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk