X
 17.06.2021 Живот

Финалето на „Вимблдон“ ќе се гледа со полн капацитет, а „Вембли“ ќе има 40.000 гледачи за Евро 2020

Последниот викенд на „Вимблдон“ ќе се игра на централниот терен пред огромна публика. Ова ќе биде прв голем спортски настан откако Велика Британија се соочи со заклучување поради пандемијата.

Турнирот, кој ќе започне на 28 јуни, ќе почне со 50 отсто капацитет, пред финалето на 10 и 11 јули да се одигра пред публика од 15.000 луѓе. Владата ги потврди плановите за најмногу 20 пилот-настани во спортот и забавата, а „Вимблдон“ и Евро 2020 се победниците.

Последните четири натпревари на Европското првенство што треба да се играат на „Вембли“, вклучувајќи го и финалето, кое е на 11 јули, и двете полуфиналиња, ќе ги гледаат 45.000 луѓе - половина од капацитетот на стадионот.

Вкупно 20 настани, вклучувајќи ја и британската „Ф1 Гранд прикс“ и Челинџ-купот, треба да се додадат во третата фаза на владината програма за истражување на настани и покрај континуираниот раст на ковид-инфекции што ги донесе третиот бран.

Веста доаѓа откако владата беше принудена да се откаже од пошироките планови за „денот на слободата“ на 21 јуни. Промените на правилата што би им ставиле крај на физичкото дистанцирање и носењето маски ќе се вратат на 19 јули.

1
Фото: Wikipedia

И првите два натпревара од групната фаза во Англија се дел од оваа истражувачка програма. За полуфиналето и финалето, кои треба да се одржат на 6, 7 и 11 јули, правилата дополнително ќе бидат олеснети, па ќе биде дозволено стадионот да прими 45.000 луѓе.

Обожавателите што ќе влегуваат на тест-настаните ќе треба да покажат доказ за негативен ковид-тест или да носат вакцинален пасош што покажува дека се целосно заштитени од болеста.

Во неделата Англија ја почна својата кампања за Евро 2020 со победа 1:0 против Хрватска. Официјалното присуство на публиката беше помалку од дозволениот капацитет со 18.497 луѓе. УЕФА не можеше да го објасни недостигот на гледачи, но претпостави дека станува збор за тоа што хрватските навивачи би морале да поминат 10-дневен карантин по пристигнувањето во земјата.

„Силверстоун“ прелиминарно разговараше со владата за трката за „Гранд прикс“ што треба да се одржи наредниот месец, и побара толпата да биде со капацитет од 140.000 луѓе.

И организаторите на Отвореното првенство во голф, кое треба да се одржи во „Ројал Сент Џорџ“ од 15 до 18 јули, се очекува наскоро да го финализираат бројот на навивачите.

Извор: The Guardian
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот