X
 17.07.2019 Живот

Рим се задушува во отпад, издадено е хигиенско предупредување

Кантите од кои се хранат стаорци предизвикуваат страв за јавното здравје во Рим. Лекарите предупредуваат луѓето да го заобиколуваат отпадот фрлен по ќошињата, а немоќните граѓани почнаа бизарен избор за најсмрдливи канти за отпад.

Многу туристи се принудени да се движат меѓу преполни канти, додека непријатната смрдеа од отпадот оставен на високите температури привлекува мршојадци и се заканува ширење на болести во Вечниот град.

Шефот на градската канцеларија за здравство, Антонио Маги, издаде хигиенско предупредување и истакна дека тоа би можело да се претвори и во предупредување за опасност за здравјето на граѓаните ако болестите почнат да се шират преку изметот на животните.

Лутите римјани во меѓувреме на социјалните мрежи почнаа натпревар за најсмрдлива канта за отпад.

Кутии за пици наредени една врз друга, остатоци од шпагети и кори од овошје оставени на улиците во Рим привлекуваат галеби, глувци, па дури и диви свињи. А и волците се приближија до градот поблиску од кога било.

Дополнителна огорченост кај жителите на Рим предизвикува и високата цена што ја плаќаат за тој отпад да скапува на улиците.

Во 2017 година градот потрошил 597 евра по жител за управување со отпадот, што е најмногу во земјата и е многу повеќе од сумата што ја одделуваат жителите на Венеција (353 евра) или на Фиренца (266 евра).

Но, на Рим му недостига и соодветна инфраструктура. Од три градски депонии, една е затворена, а две во последните месеци беа зафатени од пожари.

Два објекта за биолошко управување со отпад работат со редуциран интензитет поради редовно одржување.

Во целата ситуација не помагаат ни римјаните, кои на непредвидени места, покрај кантите за отпад, оставаат стари душеци, фрижидери и кревети.

Салваторе Орландо, жител на Рим, сепак ги обвинува властите.

- Секако дека е виновна градоначалничката, па не можете да ги обвините граѓаните. Граѓаните создаваат отпад, мора да го фрлат некаде, а јавните служби мора да го соберат. Едноставно е така, за тоа плаќаме даноци - вели тој.

Градоначалничката на Рим, Вирџинија Раги, истакна дека кризата ќе биде решена во текот на следните две недели. Но, за да се реализира тоа, секој ден мора да се праќаат на палење повеќе од 5.000 тони отпад.

- Сите се жалат на отпадот, а никој не сака печка за палење отпад. Наместо тоа, ние плаќаме за носење на отпадот во Австрија или Германија - вели неименуван гневен граѓанин.

Италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Салвини, челник на крајно десничарската Лига, веќе почна да ја користи кризата со отпадот како политичко оружје пред локалните избори во 2021 година.

Но, во градот во кој клучните сектори се опфатени со корупција и се хронично неефикасни, жителите се прашуваат дали Салвини има магично стапче за решавање на ситуацијата која со години не ја решил никој од политичкиот спектар.

Во меѓувреме, отпадот е само уште еден дневен предизвик за римјаните.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот