X
 17.08.2018 Култура

Судбината на сестрите Чуљак пред 33 години ја расплака цела Југославија

Во јануари 1985 година сестрите Драженка и Шима Чуљак тргнале пешки од родното Богодола во посета на нивната мајка, која работела во Мостар. Бидејќи паднало многу снег, тргнале по спореден пат. Одејќи, изгубиле ориентација и паднале во длабока јама.

- Мокри, преморени и разочарани што не можевме да излеземе, помисливме на најлошото. Не смеевме да заспиеме во снегот зашто знаевме дека тоа може да биде кобно за нас, па се вовлековме во мал простор на карпата преградена од кањон, на која немаше снег. Легнавме, јас главата ја ставив на колената на Шима и обратно. Не мислевме дека ќе го доживееме утрото - раскажува Драженка Чуљак.

Со денови сестрите биле во јамата без храна и вода, а јаделе само снег. Нивниот татко мислел дека се кај нивната мајка, а мајката мислела дека не се тргнати. Тогаш немало телефони.


- Во тие денови се соочувавме со многу кризи, мислевме дека никој не нѐ сака и дека никому не сме му важни. Честопати соседите по цела ноќ ги бараа изгубените крави, додека ние бевме толку блиску и истовремено толку далеку, а никој не ене бараше - раскажува Драженка.

На снегот и мразот тие поминале осум ноќи, повикувајќи помош и молејќи се. На крајот ги спасиле локалните ловци. Во бездната спуштиле јаже, а кога ги извлекле, тие биле црни и замрзнати. Ги примиле во болницата во Мостар, но потоа ги префрлиле во Белград. На двете им биле ампутирани двете нозе.



Денес живеат во Канада. Шима се преселила со нејзиниот сопруг во 1990 година, а Драженка три години подоцна. Нивниот хендикеп не ги спречил да се реализираат и на работен и на приватен план. И двете се омажени. Шима работи како сметководител и се занимава со нуркање, а Драженка завршила информатички факултет и весла.

Сега нивната приказна е екранизирана. Филмот „Сестри“, кој раскажува токму за нивната случка, на овогодишниот Сараевски филмски фестивал привлече големо внимание и разбуди стари духови и емоции. Барем кај оние што се сеќаваат дека пред 33 години судбината на сестрите Чуљак ја крена на нозе цела Југославија.

#proud #sestreculjak #sff 🤗

A post shared by Ana Rakic 🇭🇷 (@farmasi.ana.hr) on

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура