X
 17.09.2017 Живот

„Не ги сфаќам родителите што гледаат, а не реагираат!“

Колумна на Кристина Фабрис за Клоканица

Неодамна бев на еден детски роденден. Децата беа на возраст од 3 до 7 години. Игра, смеење, врева, деца насекаде и сè што доаѓа со роденденот. Но една случка ме поттикна да размислувам.

„Остави го, тоa е само дете!“


Со разиграните деца, едно дете направи сцена кога сопственичката во чиј дом се одржуваше роденденот му забрани да прави сè и сешто. За што стануваше збор? Детето од 4 години наместо да игра со останатите деца, почна да ги отвора фиоките и плакарите и да ги фрла работите на земја. Бидејќи родителите не изреагираа, изреагира сопственичката, која на љубезен начин го замоли детето да не го прави тоа. На духовит и разумен начин таа му објасни дека тоа не се прави така и дека не е убаво, додека родителите само безгрижно гледаа и на сопственичката ѝ кажаа реченица што никако не можам да ја прифатам и разберам: „Остави го, тоa е само дете!“ И, секако, детето се фрли на подот и почна да вреска бидејќи очигледно е научено да прави што сака.

Каде е границата помеѓу слободата и убавото однесување?

После оваа реченица почувствував како ме обзема чувство на лутина. Ова е реченица што никогаш, апсолутно никогаш нема да ја сфатам и прифатам. Да, дете е, и што? Мислите дека децата не разбираат ништо? Дека можат да прават баш сè што сакаат? Дали навистина мислите дека мораат да прават сè што сакаат за да се развиваат и растат? Јас не мислам. Да, се согласувам дека на децата им е потребна слобода во сопствениот развој, дека не треба да им се забранува баш сè - инаку не би можеле да научат што е добро, а што не. Но каде е границата кога треба да се каже ДОСТА? Каде е границата помеѓу слободата и доброто однесување?

Бидејќи ни сама не сакам кога ми се допираат работите, а и лично никогаш не сум имала проблеми со своите деца, целосно ја разбирам госпоѓата што го спречи детето и на убав начин му објасни дека така не треба да се однесува. Го сфаќам и детето кое веднаш направи сцена бидејќи не смее да го прави она што го сака. Детето мисли дека тоа е нормално бидејќи никој не му објаснил дека така не смее да прави, дека можеби тоа дома на родителите не им пречи, но не е убаво да се прави на друго место.

Дали треба да им се дозволи на децата да прават што сакаат?

Но едноставно не ги сфаќам родителите што гледаат, а не реагираат. Само седат, си пијат кафе и се смеат на однесувањето на своето дете. Можам да ги сфатам дека ги оставаат во нивниот дом да прават што сакаат, но, сепак, ако сега ги оставам да прават што сакаат, што ќе се случи подоцна, во пубертетот кога и така не слушаат, кога нема да имаме моќ да ги контролираме во некои работи. Дали тогаш ќе велиме дека на децата им е потребна слобода и дека треба да ги оставиме да прават сè што сакаат? Се плашам дека не, но тогаш ќе биде доцна.

На децата треба да им се дозволи слобода, но и да има граница. Да се сакаат децата не значи да им се дозволи да прават сè што сакаат. Да се сакаат децата е да им се даде слобода да одлучат сами за своите работи, но според нивните години. За едно мало дете значи многу кога само ќе одлучи дали сака да ја облече црвената или сината блуза. Има уште многу слични примери каде што можеме да го оставиме детето да одлучи само. Децата треба да ги слушаме, мораме да го почитуваме нивното мислење, нивните одлуки, но понекогаш треба да им кажеме НЕ. Тоа НЕ е за нивно добро.

Треба да пронајдеме граница помеѓу слободата детето да ја развива својата љубопитност и убавото однесување. А ние сме тука за да им помогнеме и да ги научиме. За тоа се родителите.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот