X
 17.09.2020 Образование

Македонците до 18-годишна возраст добиваат знаење како за 7,3 години учење

Индексот на човечки капитал на Светската банка во Македонија изнесува 0,56 во 2020, што претставува мало зголемување во споредба со 2010, кога изнесувал 0,54. Тоа значи дека македонските деца ќе достигнат само 56% од својот потенцијален човечки капитал кога ќе пораснат поради образованието и здравјето во земјава. Тоа е пониско во споредба со просекот во регионот на Европа и Централна Азија и земјите со висок среден приход.

Дете кое во Македонија почнува со училиште на 4-годишна возраст се очекува да заврши 11 години предучилишно, основно и средно образование додека да наполни 18 години. Меѓутоа, кога годините на школување ќе се приспособат според квалитетот на наученото, тоа е еквивалентно на само 7,3 години, што значи дека има јаз во учењето од 3,7 години, се вели во известување за печат од Светската банка.



Фото: Freepik

Околу 99 од 100 родени деца во земјава ја доживуваат 5-тата година, а 91% од нив ги доживуваат и возрасните години. Индексот на Македонија за оценки од тестови во споредба со другите земји изнесува 414 од максимални 625, според извештајот.

- Северна Македонија од 2010 година направи значителни напори во подобрување на резултатите во образованието и здравството, но сѐ уште постојат предизвици. За подобрување на човечкиот капитал, земјата треба да инвестира повеќе во квалитет и рамномерен пристап во образованието - вели Масимилијано Паолучи, директор на Канцеларијата на Светска банка во Македонија.

Индексот на човечки капитал на Светската банка вклучува податоци за здравјето и образованието од 174 земји, покривајќи 98% од светското население. Податоците што биле искористени за овогодишниот индекс се однесуваат на периодот до март годинава.



Извори: openknowledgeworldbank.org и worldbank.org
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование