X
 17.10.2019 Живот

Речиси 3 од 4 жени во технологијата размислувале да ја напуштат професијата

Во 2018 година само 26 отсто од професионалните компјутерски работи биле вршени од жени. Ново испитување открива зошто жените го напуштаат ова поле на работа - или барем размислуваат да го направат тоа.

Компанијата „Капитал уан“ испитала 450 Американки кои моментално работат или работеле во технолошки области како наука, инженерство, технологија и медицина. Околу половина од испитаничките, односно 250, останале најмалку осум години, додека другата половина си заминалe по најмалку три години работа.

Од оние што останале осум години, 73 отсто во одреден момент размислувале да си заминат, покажува испитување на 450 жени технолози. Најголемата причина поради која размислувале да си заминат била ограничената можност за напредување на сениорски позиции, а потоа следувала нефер компензацијата и малата поддршка од менаџментот.

За жените што целосно се откажале, слабиот менаџмент и недостигот на баланс меѓу работата и животот придонеле за да ја донесат одлуката, покажува испитувањето.

Немањето доволно жени во нивните компании исто така било причина за заминувањата. Речиси половина од жените што ја напуштиле технолошката работа рекле дека немаат жени за пример во компанијата и речиси една четвртина рекле дека немаат женско друштво на слична возраст.

Жените сè уште се недоволно застапени во технологијата. Многу експерти, како американската Асоцијација на жени од универзитетите, недостигот на жени во технологијата го припишуваат на стереотипите дека мажите припаѓаат во компјутерските индустрии.

Штом еднаш ќе влезат во технолошката индустрија, жените се соочуваат со проблеми како нееднакви плати и сексуално малтретирање многу почесто отколку мажите. Повеќе од половината од жените во технологијата се платени помалку од мажите на слични позиции, покажува истражување на компанијата „Хајрд“.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот