X
 17.11.2020 Здравје

Филипче: Ако продолжи овој тренд, сите доктори и сестри ќе се посветат на лекување пациенти со Kовид-19

Министерот за здравство Венко Филипче за медиуми истакна дека сè повеќе се исполнуваат инфективните одделенија во здравствените установи кои третираат ковид-пациенти и предупреди дека се исцрпуваат капацитетите во смисла на лекари, медицински сестри, тимови, интернисти, пулмолози и анестезиолози, како и болнички кревети.

Сите интерни одделенија и медицинскиот кадар се целосно мобилизирани. Здравствениот систем секојдневно се менаџира. Пациентите што имаат полесна клиничка слика се пуштаат на домашно лекување, со цел да се обезбедат места за пациентите на кои им е потребна хоспитализација.

- Веќе се наполнија првите катови во зградите на интерните клиники. Обезбедуваме кревети и кадар, но оди сè потешко. Сè повеќе се исцрпуваат капацитетите во смисла на лекари, медицински сестри, тимови, интернисти, пулмолози и анестезиолози, како и болнички кревети. Спремни се и дополнителни капацитети и во ГОБ „8 Септември“, но со оваа динамика навистина за кратко време може и тие да се пополнат. Веќе предвидуваме места и на хируршките клиники, но тоа може да значи, ако веројатно продолжи овој тренд, дека во еден момент ќе запре целокупната нормална програма која сè уште функционира - системот за закажување „Мој термин“, редовните операции ќе почнат да се откажуваат и сите доктори, сестри ќе бидат посветени на лекување на пациентите со Kовид-19. Тоа ќе биде првпат во историјата целиот систем да лекува само една патологија, со цел да се намали притисокот. Ова е криза насекаде, кај нас, во регионот, во цела Европа. Но, обезбедувањето кревети и особено обезбедувањето кадар оди сè потешко - изјави Филипче и додаде дека така е и во соседните земји и во Германија, целиот кадар се мобилизира и капацитетите брзо се полнат.

Министерот додаде дека не е соодветно да се сместуваат пациенти во објекти кои не биле предвидени за тоа, т.е. дека пациенти може да се сместуваат онаму каде што има кадар.



Во однос на третманот на пациентите, Филипче нагласи дека секогаш пациентите имаат обврска прво да се јават кај матичниот лекар и тој да ја процени здравствената состојба.

- Матичниот лекар е обврзан да ги прегледува пациентите и да биде на располагање 24 часа, и тоа не е од сега, тоа е години наназад - рече Филипче.

Тој посочи дека е од огромна важност граѓаните да ги почитуваат мерките за да помогнат здравствениот систем да остане одржлив во битката со пандемијата. Нагласи дека актуелните мерки постепено ќе даваат резултат, но непредвидливоста на вирусот може да доведе до повторно зголемување на бројот на заразени, а тоа ќе значи огромен притисок врз болниците.

- Сите сме во оваа битка, многу е важно граѓаните да ни помогнат со почитување на мерките. Нема да може да издржиме уште многу ако оди со оваа динамика. Ќе се преполнат болниците и тогаш веќе ќе имаме ситуација во која може да недостигаат и кревети и кадар. Искрено се надевам дека мерките постепено ќе даваат и ќе дадат резултат, за разлика од пред неколку недели, R0 факторот на преносливост сериозно се намали од 1,5 на близу 1 и тоа влева доза на оптимизам, но тоа не значи дека притисокот врз болниците ќе се намали. Непредвидлив е вирусот и болеста како клиничка форма, не знаеме што може да се случи и со ваков линеарен раст огромен ќе биде притисокот и проблемот во болниците, што всушност и сега веќе се случува. Апелирам да се почитуваат овие мерки - рече Филипче.

Здравствениот систем секојдневно се менаџира, а во клиничкиот центар во Скопје сите интерни одделенија и медицинскиот кадар се целосно мобилизирани.

Фото: vlada.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје