X
 17.12.2020 Живот

Песната „Срце“ од групата „Екатарина Велика“ крие вистинска љубовна приказна

Фронтменот и гитарист на култниот бенд „Екатарина Велика“ до последен здив сакал една жена, на која ѝ ја посветил песната со симболично име „Срце“. Дишел за рокенролот, се борел против воената пропаганда и пишувал белешки од кои и денес крвта струи побрзо низ вените

Почеток на есента 1989 година. Целиот Дом на младината пулсира во ритамот на музиката. Повеќето момци зјапаат хипнотизирано во Маргита Стефановиќ-Маги, чии прсти се лизгаат по клавишите. Девојките паѓаат во транс кога Милан Младеновиќ ќе почне да пее, а само неколкумина во публиката знаат дека тој пее за Маја Маричиќ. Претходната пролет таа сосема случајно влегла во неговиот живот, а потоа отпатувала преку океанот. Тој беше фронтмен и гитарист на ЕКВ, една од ѕвездите на југословенските рок-сцени, а таа студентка по историја на уметноста.


Додека ја чекал, Милан ја напишал песната „Срце“, а таа се вратила по една година и останала со него до самиот крај. Иако поминаа повеќе од две и пол децении од смртта на Младеновиќ, неговото дело не го губи своето значење, а неговите стихови се дел од неизбришливо музичко наследство. Зборовите од неговите песни погодуваат точно во центарот, а Милан стана легенда.

„Таа не допираше ништо што можеше да боли,
нејзините раце се бели како мраз
нејзините мисли се чини, таа мисли дека сака
Таа верува, верува
Нема да дојде наесен кога лисјата паѓаат
Нема да дојде во зима кога паѓа снег
Немаше храброст, никогаш немаше
Да остане, да остане покрај мене
Дали да верувам во тоа...“

- Сараево веројатно имаше темно влијание врз мене. Бев многу воинствен, искрен, мал... И постојано се тепав со постари од мене. Секако, тие ме тепаа, па се враќав дома крвав плачејќи и тоа траеше шест или седум години колку што живеев таму. Еден период Александар Дима ми значеше многу. Ги прочитав сите негови дела под клупа и поради тоа имав проблем со видот. Носев очила поради Александар Дима, Жил Верн и такви луѓе. Кога бев четврто одделение, татко ми ми купи гитара на која пишуваше „танго“. Одев на часови кај познатиот Гари Гаринче. Од него научив неколку акорди. Потоа се преселив во Белград. Постојано свирев и создавав мои песни - раскажува во една пригода Младеновиќ.


Бил дел од експлозивното трио „Шарло акробате“. Иако постоел само од април 1980 година до октомври 1981 година, бендот успеал да направи многу песни: „Она се буди“, „Нико као ја“, „Мали човек“, „Око моје главе“, а во 1981 година излегол и неговиот прв и единствен албум „Бистрији или тупљи човек бива кад...“, што се смета за еден од најважните албуми на југословенскиот рокенрол.

- Бевме група анархисти. Преку глава ни беа сите шаблони, па ги кршевме - објаснува тој во списанието „Рок“ во 1985 година.

Бендот се распаднал, а од урнатините се родила „Катарина II“. Милан и Маргита се запознале преку членовите на „Електрични оргазам“ во студентскиот културен центар. Младеновиќ бил воодушевен од нејзиниот талент, па така почнала плодна соработка. Во 1984 година излегол албумот „Катарина II“. Во тоа време Михаиловиќ лежел в затвор, а откако излегол, му било соопштено дека повеќе не е дел од групата. Бидејќи имал авторски права на името, групата стана „Екатарина Велика“.

Нивните свирки секогаш биле жестоки, полни со енергија и емоции.

- Моите песни, тоа сум јас. Тие се одраз на моите животни сфаќања и аспирации. Мотивите за нив ги наоѓам во вистинските животни суровости и понекогаш дозволувам замислените соништа да прошетаат низ стиховите - истакна Младеновиќ во едно интервју.


Многумина мислат дека нивниот најмрачен албум е „Дум дум“, издаден во 1991 година. Југославија беше пред распаѓање и се приближуваше кон граѓанска војна. Неговите блиски пријатели ја напуштиле земјата за да избегнат присилна мобилизација, за што се пее и во песната „Заедно“. Тоа тешко му паднало на Милан. Кога и неговата девојка Маја заминала за Париз за да ги заврши студиите, тој ја преточил разделбата во стихови.

На почетокот од 1994 година со Маја отпатувал во Бразил, каде што со долгогодишниот пријател и соработник Митар Суботиќ и неколку бразилски музичари го снимиле албумот „Angel's Breath“. Таму, Милан и Маја заедно го напишале текстот за песната „Црв“. Материјалот за спотот бил подготвен во Париз. Но, Маја го завршила по неговата смрт.

Иако имал нови планови, работите тргнале по патека што ни тој не можел да ја предвиди. По настапот во Будва во август 1994 година, Младеновиќ бил префрлен во болница каде што му бил дијагностициран рак на панкреасот. Починал по само неколку месеци, на 5 ноември, набрзо откако наполнил 36 години.

Неговата приказна е приказна за човек кој со својата упорност, енергија и искрена емоција, без да сака да им угоди на критичарите или јавноста, не правејќи компромиси, успеа да стигне до врвот и да остане таму. Иако веќе го нема, неговата поезија и неговиот глас, јасен и чист, засекогаш ќе нè потсетуваат дека неизбежно мора да останеме доследни на себе.

- Овој разговор би сакал да го завршам со порака што е упатена за сите што (не) ме сакаат: во текот на животот мора да се борат против сè, само не против себе. Затоа, борете се за својата лична слобода и демократија; не дозволувајте некои лажни сребрени монети и погрешно оправдани норми да ве задушуваат и оптоваруваат. Борете се за вашиот живот! - изјавил тој за списанието „Чао“ од 1989 година.


Извор: Noizz.rs
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот