X
 17.12.2020 Политика

Што ќе се смени за Британците на 1 јануари?

„Брегзит“ се случи годинава, односно Велика Британија формално ја напушти Европската Унија (ЕУ). Но периодот на транзиција не е готов. „Гардијан“ ги одговара најголемите прашања на оваа тема.

Нели „Брегзит“ веќе се случи?

И да и не. Велика Британија официјално ја напушти ЕУ на 31 јануари годинава, но земјата сè уште е во трговската унија и единствениот пазар во кој се и другите членки. Излегувањето треба да се случи на 31 декември, со или без трговски договор помеѓу ЕУ и Велика Британија.

Што ќе се случи ако нема трговски договор?

Компаниите ќе почнат да плаќаат тарифи за стоки купени и продадени надвор од границите на ЕУ, како и другите земји што немаат трговски договор со Унијата и работат според правилата на Светската трговска организација. Ова ќе ги зголеми цените на производите, но и ќе го забави процесот на пристаништата. Трговски договор може да овозможи некакви царински олеснувања за да се олесни процесот.

Зошто преговорите се толку напорни?

На референдумот за напуштање на ЕУ британската влада гледа како на мандат за ослободување на Велика Британија од европските закони, особено за трговијата, границите и риболовот. ЕУ вели дека доколку Велика Британија сака да им ги продава своите стоки на европските потрошувачи без даноци или тарифи, тогаш треба да има еднакви услови за игра, за ниту една од страните да нема конкурентска предност.

Велика Британија бара придобивки од риболовот во британските води, а ова може да има влијание врз Франција, Белгија, Шпанија, Холандија и Данска, меѓу другите.

Дали има напредок?

Борис Џонсон во неделата изјави дека ставовите на двете страни многу се разликуваат во поглед на овие три прашања. Но има знаци за конструктивен напредок и фокусот сега е на решавање на различните стандарди наместо на принудување на Велика Британија да ги следи правилата на ЕУ.


Фото: Pixabay

Што ќе се случи со слободното патување?

Со или без договор, слободното патување ќе заврши на 1 јануари 2021. Велика Британија ќе применува сопствен систем за имиграција за граѓаните на ЕУ. Во моментов, секој Британец со привремен престој во ЕУ треба да добие здравствено осигурување од владата на Велика Британија за користење на здравствените услуги додека е во ЕУ. Но ова осигурување нема да биде валидно од јануари, освен во некои случаи.

За оние што живеат во ЕУ а примаат пензија од Велика Британија, зголемувањето на пензијата ќе одговара на стапката на инфлација. Оние што ќе се преселат во ЕУ од јануари ќе може да добиваат пензија од Велика Британија во иднина, но износот зависи од преговорите.

Што е со здравството?

Британците што живеат во ЕУ годинава и Европејците што живеат во Велика Британија ќе имаат пристап до здравствените услуги како и досега, но не е јасно што ќе се случува со оние што ќе се преселат по 1 јануари.

Дали Британците ќе може да возат во Европа?

Да, тие ќе возат со британска возачка дозвола, но ќе им биде потребен зелен картон.

Што е со патувањето со домашни миленици?

Велика Британија планира да дозволува патување со домашен миленик во ЕУ и обратно, како и досега, но се чека дозвола за ова.

Дали ќе има трошоци за роаминг?

Можеби. Според европските закони, телекомуникациските компании не смеат да им наплаќаат на корисниците за повици направени од земја надвор од ЕУ. Но од јануари, корисниците од Велика Британија нема да бидат опфатени со овој закон. Големите компании изјавиле дека не планираат да воведуваат роаминг, но доколку сакаат, би можеле да го сторат тоа.

Автори: Метју Вивер и Хилари Озборн
Извор: theguardian.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Политика