X
 02.01.2018 Живот

Децата што пешачат километри за да учат во Бајловце, Јане – единственото прваче во Жилче... Ова се десетте текста што срушија рекорди на Факултети.мк во 2017 година


1. Приказната за 14 основци од кумановското село Бајловце што немаат чиста вода за пиење, тоалет, ниту надгледни средства за нормална настава, а неколку од нив живеат во толку оддалечени куќи, што секој ден пешачат по неколку километри за да стигнат до патот од каде што ги зема возило и ги носи до училиштето, беше најчитаниот текст на Факултети.мк во измината година. Репортажата за Бајловце беше прочитана повеќе од 100.000 пати, а ја споделија и пренесоа многу медиуми. Телевизијата „Алсат“ дури сними и емисија. Оваа приказна имаше убав епилог. Факултети.мк организира донаторска акција, па учениците секој месец добиваат чиста пакувана вода за пиење, добија многу книги и лектири, училишни карти, глобус, прибор, хигиенски средства кои ги донираа повеќе компании од земјава. Ова се десетте најчитани текста на Факултети.мк годинава.

2. Околу 100.000 прегледи имаше и приказната за малечкиот Јане, единственото прваче што годинава учи во тетовското село Жилче. Ова е вториот најчитан текст во 2017 година. Јане Тодоровски во ноември наполни шест години. На првиот училиштен ден (на 4 септември) во Основното училиште „Шемшово“ дојде со мајка си Сашка.



Насмеан од уво до уво, го пречекаа неговата наставничка Марија Јовановска и екипата на Факултети.мк. Јане рече дека многу сака да научи да чита и да пишува. На почетокот на учебната година тој веќе знаеше да си го напише името, со навистина големи букви. Иако Јане е единственото прваче во оваа генерација во Жилче, сепак нема да биде осамен – зашто учи во иста училница со седум деца од четврто одделение, во комбинирана настава.

3. Трет најчитан текст, со околу 90.000 прегледи, беше изборот за најинспиративни асистенти на македонските факултети. На нашата онлајн-анкета добивме околу 300 предлози и повеќе од 1.000 одговори. Прашањето беше едноставно: Кои се најинспиративните асистенти на државните универзитети и зошто? Ова се асистентите за кои вие дадовте најмногу гласови: Марко Кртолица од Правен факултет, Томче Делев од ФИНКИ, Гордана Апостолова од Стоматолошки, Михајло Петровски од Факултетот за медицински науки од УГД, Милица Јованоска од Градежен, Горјан Наџински од ФЕИТ, Синиша Стојаноски од Медицинскиот факултет од Скопје, Анета Наумоска од Филолошки, Денис Арсовски од Високата медицинска школа од Битола, Александар Ефтимов од Фармацевтски, Горан Китевски од Институтот по географија при ПМФ, Спире Лазароски од Економски од Прилеп, Соња Митровска од Економски во Скопје и Филип Сулејманов од Филозофскиот факултет од Скопје.

4. Следува интервјуто со Мими Костоска, матурантката од „Нова“ која беше примена на 18 светски универзитети, а таа го избра престижниот „Јејл“ во САД. Костоска доби целосна стипендија на „Јејл“ каде што веќе студира молекуларна биофизика и биохемија или биомедицински инженеринг.



На прашањето каде се гледа себеси за 10 години, таа вели:
- Се гледам себеси или како научник во некоја биотехнолошка лабораторија или како професор на универзитет кој истовремено спроведува свое истражување. Условите за истражување во областа на природните науки во Македонија не се на многу високо ниво, но ако тоа се смени, со задоволство би се вратила да го применам знаењето тука, можеби и како професор.

5. За само три дена откако го објавивме, предновогодишното интервју со премиерот Зоран Заев се искачи на петтото место на листата со најчитани текстови на Факултети.мк во 2017 година, со околу 80.000 прегледи. Тој раскажува за своите студентски денови, за омилените предмети во училиште, но и што му пречи во денешното образование.



- Сакав да учам. Ама сакав и да другарувам, сакав и слободно време за работи што ми значат, до денес. На пример, возење мотор. На почетокот гледав, читав за тоа, потоа почнав и да возам, па и по планините – вели премиерот Зоран Заев во предновогодишното интервју за Факултети.мк.

6. Еден од најчитаните текстови годинава беше и разговорот со Коста Петров, каде што тој отворено зборува за нападите на анксиозност. Петров, писател и еден од најпродаваните современи македонски автори, основач и извршен директор на глобалната креативна агенција ,,Пи ворлд“, сподели со нас како изгледало неговото соочување со анксиозноста, како ја препознал и како се справил со неа. Тој ја опиша анксиозноста како личност со која не сакате да имате ништо заедничко, а таа е константно до вас, со вас. - Ви дише во врат. Ви вели дека не сте доволно добри. Не ви дозволува да живеете. Ве плаши дека сте создадени да бидете жртва и дека сте создадени за неуспех. Личност полна со лаги на која слепо ѝ веруваме – раскажува Петров.

7. „Цел град на хроно“ е седмиот најчитан текст годинава. Масовноста на хроно-режимот на исхрана стана толку голема годинава што се доби впечаток дека половина земја ги следи правилата, кои освен што помагаат да се ослабне, помагаат и да се средат многу здравствени проблеми. На социјалните мрежи, особено на „Фејсбук“, има повеќе групи во кои членуваат оние што се заинтересирани за хроно-исхраната. Се поддржуваат, споделуваат искуства, но и рецепти за тоа како да биде повкусен еден хроно-оброк.

8. Осма по ред според читаноста е приказната за врсничкото насилство (булинг), преку искуството на една ученичка во скопско училиште. За Факултети.мк, приказната ја раскажа мајката чија ќерка беше жртва на врсничко насилство. Едно утро, на ѕидовите и на прозорците во училиштето се појавиле фотографии од 12-годишното девојче во костим за капење, испишани со навредливи пораки: „Не си вредна за тонерот“, „Ти си нула“...



Седмоодделенката го доживеала насилството од своја соученичка поради банална расправија околу изгледот што се случила неколку дена порано. Мајката на ученичката што го доживеала насилството изјави дека ќе бара помош и од Државниот просветен инспекторат бидејќи не сака да дозволи тоа да му се случи на друго дете.

9. Искуството на Зорица Црношија и нејзината децениска борба со несоницата е деветтиот најчитан текст на Факултети.мк во 2017 година. Несоницата, навидум наивен проблем, може да создаде сериозни проблеми во функционирањето или да е сигнал за други здравствени проблеми. Taa e сè почест проблем меѓу луѓето.



Една од „жртвите“ на несоницата е и Црношија - ПР-менаџер во маркетинг-агенцијата „Публицис“.
- Спијам просечно од 4 до 6 часа, со тешко задржување на сонот и прерано будење, околу 3 или 4 часот наутро. Ме будат банални околности, како мал зрак на светлина, звукот на лифтот, палење на моторно возило, затворање врата во станот на соседите и слично – раскажува таа.

10. Последен на листата, но еден од најчитаните текстови годинава, е „Кога бев студент... со Сашко Коцев“. Еден од најпознатите глумци во земјава ги раскажува своите искуства од студентските денови. Вели дека уште кога бил во основно училиште сите го знаеле како Сашко Глумац. Уште тогаш знаел што сака да биде. Често размислувал за тоа од кога сака да биде актер.



- Не сум сигурен. Само знам дека отсекогаш сум се гледал себеси како човек кој сѐ што прави го прави за тоа да биде видено од другите. Тоа е нешто во потсвеста на актерите – вели тој. Првата улога во професионален театар е улогата на Таруно во „Белото Циганче“ во Народниот театар во Куманово, во 1996 година, во режија на Ацо Алексов.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот