X
 03.01.2018 Наука

Ќе се гради вештачки остров со ветерници што ќе снабдува со струја пет држави

компанија
Фото: Printscreen/Youtube

„ТенеТ“, холандска национална енергетска компанија, планира во средината на Северното Море да изгради вештачки остров што треба да служи како поддршка за најголемата светска фарма со ветерници. Островот ќе биде сместен во Догер Банк, подводен песочен рид што се наоѓа на 100 километри североисточно од брегот на Англија, кон Данска.

Догер Банк е исклучително плиток. Се наоѓа на само 20 метри длабочина и опфаќа површина од 260 километри, со широчина од околу 65 километри. Поради ова, Догер Банк е идеално место за изградба на поголема фарма со ветерници, како и вештачки острови. Поради својата позиција, електричната енергија што таму ќе се произведува ќе биде во опсег на пет европски земји.

Трошоците за одржување ќе бидат пониски


Бидејќи локациите близу крајбрежјето се пополнети, компаниите што произведуваат електрична енергија преку ветерници бараат подалечна локација за изградба на фабрика. Проблематично е тоа што оддалечените фарми со ветерници се поскапи за одржување и секоја фарма мора со еден кабел да биде поврзана со дистрибутивен центар.

Вештачкиот остров ќе служи како центар за собирање на генерираната електрична енергија, а поради близината на ветерниците, трошоците за одржување ќе бидат многу пониски. Со кабли, енергијата ќе може да биде испратена во Холандија, Велика Британија, Белгија, Германија и во Данска.

Локациите за изградба на фармата со ветерници близу крајбрежјето биле пополнети релативно брзо, бидејќи ветерниците заземаат голема површина. Со споредување на областа што ја заземаат и производството на енергија, тие генерираат 400 пати помалку енергија во споредба со нуклеарните централи. Затоа, логично е да се постават фарми со ветерници на поголемо растојание од брегот, некаде во средината на морето.

Ветерните електрани генерираат еднонасочна струја, која има значителни загуби кога се пренесува на поголеми растојанија. „ТенеТ“ планира на островот да изгради инсталација што ќе ја претвора еднонасочната во наизменична. Наизменичната струја при пренесувањето нема значителни загуби.

Моментално најголемата фарма на ветерници „Лондон Ареј“ се наоѓа во надворешното устие на реката Темза. Фармата се протега на 122 квадратни километри и произведува 630 MW електрична енергија. Фармата што ќе ја создаде „ТенеТ“ треба да произведува 30 GW, што е 47 пати повеќе, на површина од 6.000 квадратни километри. Оваа сила е приближно двојно поголема од вкупната сила што моментално се генерира преку сите морски ветроводи во Европа.

Ако работите одат по планот, ветерната електрана, која ќе биде 15 пати поголема од Њујорк, треба да биде изградена помеѓу 2030 и 2050 година, а градењето би можело да почне веднаш штом ќе завршат преговорите со земјите-членки на ЕУ. Иако цената за самата изградба не е позната, „ТенеТ“ проценува дека изградбата на островот би можела да чини околу 1,5 милијарда евра.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука