X
 04.01.2018 Образование

Интервју со проф. д-р Мах Коста, визитинг-професор на Универзитетот „Св. Апостол Павле“: Имаме добра перспектива за заеднички проекти

Студентите на Универзитетот „Св. Апостол Павле“ од Охрид зимскиот семестар имаа можност да слушаат предавања од проф. д-р Мах Коста од Бразил, кој несебично им го пренесе своето искуство. Во интервјуто дознајте повеќе за визитинг-професорот од Бразил



1. Kажете ни за Вашето професионално искуство, образование, Вашата специјалност и кариера?

- Како дванаесетгодишно момче, бев фасциниран од можноста за вселенски фотографии на други планети и нивен пренос на Земјата, оддалечени многу светлосни минути. Уште тогаш одлучив дека сакам да градам кариера во областа на електроинженерингот, со фокус на телекомуникациите. Подоцна тој фокус се насочи кон информационата теорија и сите применети математики околу кодирање на изворот и каналот. Својата диплома по инженеринг ја стекнав на Универзитетот во Бразил, а својата магистратура на Универзитетот во Кампинас (Unicamp), каде што и тековно предавам. По магистрирањето заминав на Универзитетот „Станфорд“, каде што стекнав магистратура по статистика и докторат по инженеринг, работејќи под менторство на фантастичниот професор Том Ковер.
Мое прво вработување по докторатот беше како истражувач во Бразилскиот вселенски истражувачки институт (INPE), од 1983 до 1988. Следствено, бев член на техничкиот кадар на „Џенерал електрик“ при корпоративните истражувања и во Центарот за развој во Шенектади, Њујорк. Потоа бев вонреден истражувач во лабораторијата за погон на летала на НАСА во Пасадена, Калифорнија, по што се вратив во Unicamp, како дел од кадарот во 1995. Мојата работа во Unicamp е центрирана на теоретските и применети аспекти на кодирањето и информационата теорија. Истражував комплицирани проблеми кои се актуелни помеѓу инженерите и математичарите повеќе од 40 години, пред сè регионот на капацитет на Гаусовиот канал на интерференција. Во однос на ова истражување бевме успешни во воспоставување некои делумни одговори.


 2. Овој зимски семестар бевте визитинг-професор на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ - Охрид? Како дојдовте таму?


Доаѓањето на УИНТ како визитинг-профосор ми беше овозможено по покана од ректорот на УИНТ, г. Марина, со кого соработуваме долги години. Престојот е резултат на соработката што ректорот Марина ја отпочна со Универзитетот во Кампинас во 2015 година, потпишувајќи соработка со тогашниот ректор Жосе Тадеу Џорџе. Unicamp е еден од најдобрите универзитети не само во Бразил туку и во цела Јужна Америка.


3. Што би кажале за искуството тука? Споредетe го тоа искуство со искуството на други универзитети.

- На УИНТ предавав Стохастички процеси и сум многу задоволен од студентите со кои работев. Курсот генерираше 93 страници забелешки од час, кои беа зачувани од студентката Теала Сефери и се пристапни на универзитетскиот moodle.
Го ценам учеството на студентите во курсот, како и соработката со колегите на универзитетско ниво. Верувам дека има добра перспектива нашата соработка да прерасне во конкретни истражувања, како и коменторирање на магистерски и докторски студии на Unicamp и УИНТ.
Искуството во УИНТ се надоврзува на искуството во другите универзитети, кое се покажало како доста значајно во формирање истражувачки мрежи.


4. Кои се Вашите идни планови и како УИНТ е вклучен?

- Следниот семестар ќе продолжам со своите предавања, истражувања и консултации со студентите на Unicamp. Ќе вклучам напор во истражувањата на фундаменталните нерегуларности во информационата теорија.
Верувам дека има одличен потенцијал за инволвирање на колегите од УИНТ во соработка со колегите од Unicamp. Потпишавме Меморандум за соработка помеѓу УИНТ и Unicamp, кој вклучува размена на студенти и кадар, како и партнерство при истражувачки проекти.


5. Која е Вашата најдрагоцена импресија од Македонија? 

- Посебно бев трогнат од гостопримството на луѓето во Македонија, особено во Охрид. Исто така, нема да го заборавам величественото и магично Охридско Езеро, и моите разговори со него.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование