X
 04.01.2018 Технологија

Загрозени лозинки и тајни податоци - шефот на „Интел“ ги продаде акциите

Знаејќи за сигурносниот пропуст на стотици милиони чипови на „Интел“, Брајан Крзанич ги продал речиси сите акции од компанијата што можел, додека од „Мајкрософт“ објавиле дека веќе работат на поправка на компјутерите со оперативен систем „Виндоус“.

фотоизвор: Wikipedia

Шефот на „Интел“ ги продал акциите од компанијата кои се вредни 24 милиони долари. Тој се ослободил од големиот број акции во негова сопственост откако од „Гугл“ го предупредиле „Интел“ дека постои проблем, но пред за тоа да дознае јавноста.

Сигурносниот пропуст што ги погодува процесорите на „Интел“, АМД и АРМ може на хакерите да им овозможи крадење на лозинките и на други тајни податоци. Ваквата информација ги натера произведувачите на чипови и оперативни системи брзо да направат сигурносни поправки. Но, во технолошките компании знаеле за проблемот со месеци.

Во „Интел“ тврдат дека продажбата на акциите била однапред планирана и не е поврзана со сигурносниот пропуст. Но, планот не е реализиран со месеци откако се дознало за пропустот. Од „Мајкрософт“ велат дека веќе работат на проблемот, но поправката нема да биде целосно решение, а е достапна само за сопствениците на најновите изданија на „Виндоус“.

Процесорите засновани на 2,5 години старата архитектура „Скајлејк“ не би требало да имаат значајни проблеми, но на постарите поправката би можела значително да ја забави работата. Врзана е за дел од процесорската архитектура што „Интел“ ја користи при производството на чипови уште од 1995 година, што значи дека проблем би можеле да имаат околу стотици милиони чипови.

Поправката за „Виндоус 10“ веќе е објавена. За „Виндоус 7 и 8“ би требало да стане достапна денес. Но, поправка треба да се примени и од страна на „Интел“, што според најавите на Крзанич би требало да се случи идната недела.
Подготвил: М.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија